Српската држава финансира здруженија во Македонија што организираат собири за Вучиќ и православни кампови во Охрид

Date:

Share post:

Истражување на БИРН открива дека српското Министерство за надворешни работи доделило илјадници евра на организации во Македонија чии претставници јавно ја поддржуваат Српската напредна партија. Меѓу нив е и здружението „Мир, слога, стабилност“, организатор на собирот во Куманово за поддршка на Александар Вучиќ, но и на православниот детски камп во Охрид.

Српската држава во последните три години доделила најмалку 250.000 евра на организации во Србија, Северна Македонија и Босна и Херцеговина чии претставници јавно ја промовираат Српската напредна партија (СНС), шират проруски наративи или застапуваат десничарски и анти-родови позиции. Ова го покажува истражувањето на Балканската истражувачка репортерска мрежа – БИРН, објавено на 17 октомври.

Меѓу корисниците на овие средства во Македонија се три здруженија: „Мир, слога, стабилност“ од Скопје, Заедницата на Србите во Македонија – Битола и Српскиот културен центар – Скопје.

Најдиректната врска меѓу државното финансирање од Србија, политичката поддршка за Вучиќ и верските активности во Македонија се појавува кај здружението „Мир, слога, стабилност“.

Според истражувањето на БИРН, здружението „Мир, слога, стабилност“ добило 3.400 евра од Управата за дијаспора при српското Министерство за надворешни работи за православни верски проекти, а неколку недели подоцна уште 2.500 евра за иницијатива за зачувување на кирилицата. Вкупно, станува збор за 5.900 евра.

На 23 мај 2026 година, здружението организираше собир во Куманово за поддршка на српскиот претседател Александар Вучиќ. Учесниците носеа српски и македонски знамиња, како и маици со слоганот „Србија победува“, што е слоган на СНС.

Според БИРН, претседателката на здружението Маја Денковска во изјава за Newsmax Balkan отворено кажала дека целта на собирот е да му се даде поддршка на Вучиќ и тој да истрае на својот политички пат. Истото здружение претходно организирало и бесплатен автобуски превоз и сендвичи за граѓани од Куманово кои присуствувале на собир на СНС во Белград.

БИРН наведува дека грантот од 3.400 евра за верски проекти бил доделен само 38 дена пред собирот во Куманово. Сепак, објавените податоци сами по себе не докажуваат дека парите наменети за верските активности биле употребени за политичкиот собир.

Здружението „Мир, слога, стабилност“ во јуни годинава организираше и осумдневен православен камп во Охрид, на кој учествуваа 65 деца од Македонија, централна Србија, Косово и Метохија и Република Српска.

Според објавите на српските медиуми, програмата вклучувала посети на православни храмови и манастири, верски и културно-образовни активности, како и ликовни, грнчарски и фолклорни работилници. Децата ги посетиле црквата „Свети Климент Охридски“, „Света Софија“ и други духовни знаменитости.

Претставувајќи ја работата на здружението, Денковска изјавила дека неговата цел е поврзување на народите преку верата и православието, како и запознавање со заедничката традиција.

Кои други организации во Македонија добиле пари од Србија?

Заедница на Србите во Македонија – Битола

Организацијата предводена од Зоран Жугиќ добила 21.300 евра од Управата за дијаспора од 2023 година наваму.

БИРН наведува дека Жугиќ редовно ги критикувал студентските протести во Србија и организацијата за набљудување на изборите ЦРТА, а споделувал и интернет-содржини со кои се негира геноцидот во Сребреница.

Жугиќ негирал дека средствата биле добиени за политички цели. За БИРН изјавил дека станува збор исклучиво за проекти поврзани со културата, фолклорот, одбележувањето историски датуми и спортските манифестации.

Српски културен центар – Скопје

Ова здружение, чија претседателка е Василка Китановиќ, добило 84.500 евра од 2023 година наваму. Според БИРН, Китановиќ редовно објавува содржини на социјалните мрежи со поддршка за СНС. Китановиќ не одговорила на барањето на БИРН за коментар.

Со тоа, само овие три организации во Македонија добиле најмалку 111.700 евра од српската Управата за дијаспора во периодот опфатен со истражувањето, според објавените износи.

Истражувањето на БИРН, меѓутоа, укажува дека дел од примателите на државните средства истовремено имаат јавни политички позиции и учествуваат во кампањи во поддршка на владејачката партија во Србија.

Ниту српското Министерство за надворешни работи ниту Управата за дијаспора одговориле на барањата на БИРН за коментар.

 

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img