Вселенскиот патријарх Вартоломеј денеска пристигнува во Бугарија, во посета што се одвива во чувствителен момент за односите меѓу двете православни цркви. Непосредно пред неговото доаѓање, во бугарските медиуми повторно се отвори случајот со архимандритот Деонисиј, кому Светиот синод на Бугарската православна црква на 2 октомври му ја потврди казната одземање на свештенички чин.
Според бугарскиот портал Lupa.bg, Дионисиј поднел жалба до Вселенската патријаршија, барајќи црковна апелација. Тој тврди дека неговиот избор за епископ Стобиски во 2014 година никогаш не бил проследен со епископска хиротонија и бара признавање на тој избор, прием под јурисдикција на Вселенската патријаршија и ракополагање во Константинопол.
Во своето обраќање, според објавените информации, Дионисиј се повикува и на претходни обиди за решавање на случајот, наведувајќи дека поднесувал жалби во 2015, 2018 и 2025 година. Неговите тврдења за разговорите со патријархот Вартоломеј и причините за одложувањето на постапката засега не се потврдени од Вселенската патријаршија.
Случајот добива дополнителна тежина поради временското совпаѓање со посетата на Вартоломеј, кој доаѓа на покана на бугарскиот патријарх Даниил. Во официјалната програма се предвидени средби и заеднички богослужби, вклучително и одбележувањето на празникот на свети Јован Рилски во Рилскиот манастир на 19 октомври.
Засега нема официјална потврда дека случајот на Мишев ќе биде тема на разговорите меѓу двајцата патријарси, ниту дека Фанар донел одлука по неговата жалба.
Бугарскиот портал Lupa.bg го поврзува случајот и со прашањето за руското влијание во Бугарската црква, како и со наводната поддршка на Дионисиј за автокефалната Православна црква на Украина.
Доколку Фанар преземе конкретни чекори, тие би можеле да отворат посложени канонски прашања и да влијаат врз односите меѓу двете цркви.

