Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Скопје го прими американскиот експерт за Холокаустот, професорот Мајкл Баренбаум, со кого разговарала за зачувувањето на историската вистина за депортацијата и убиството на македонските Евреи во логорот на смртта Треблинка.
На средбата, на која присуствувале и претставници на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, биле отворени прашањата за опасностите од историскиот ревизионизам, негирањето на Холокаустот и антисемитизмот.
Баренбаум ја придружуваше Сиљановска-Давкова при нејзината посета на Меморијалниот комплекс „Треблинка“ во Полска во март годинава, кога беше одбележан Денот на депортацијата на македонските Евреи.
Претседателката му се заблагодарила за неговиот ангажман во зачувувањето на историската вистина, особено за заложбите да се сочува автентичниот натпис на спомен-плочата во Треблинка.
Според податоците наведени од претседателскиот кабинет, во логорот биле убиени 7.144 македонски Евреи, односно околу 98 проценти од еврејската заедница во тогашна Македонија.
Баренбаум ја нагласил важноста од запишувањето на имињата на македонските Евреи на ѕидот на Меморијалниот комплекс, со што секоја жртва би добила трајно место во сеќавањето. Тој посочил и дека образованието на младите генерации за Холокаустот и посетите на меморијалните центри се важни за спречување на заборавот и историското искривување.
На средбата биле разгледани и активностите на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, меѓу кои и иницијативата за формирање едукативен институт, како и изложба посветена на еврејските партизани во Скопје.

