Со свечен дочек на меѓународниот аеродром во Мелбурн, српската заедница во Австралија ја почна посетата на патријархот Порфириј, кој доаѓа во земјата како трет поглавар на Српската православна црква што го посетува српскиот народ на Петтиот континент.
Српскиот патријарх Порфириј пристигна во Мелбурн на 7 октомври, во доцните вечерни часови, каде што беше пречекан од митрополитот австралиско-новозеландски Силуан, архиереи на Српската православна црква, свештенство, претставници на српската дијаспора и верници.
Дочекот на аеродромот беше проследен со народни песни и ора, изведени од членови на фолклорни друштва од повеќе градови во австралиската држава Викторија, облечени во традиционални српски носии.
За српската црковна заедница во Австралија, посетата на патријархот претставува можност за заедничко собирање околу Црквата, но и потврда на духовните врски со матичната земја, и покрај големата географска оддалеченост.
„Децата на Црквата денес се расеани низ светот, а нив ги собира токму поглаварот на Црквата како духовен родител“, порача митрополитот Силуан, говорејќи за значењето на пристигнувањето на српскиот патријарх.
Тој го повика српскиот народ во Австралија да се собере на пречекот на Порфириј, нагласувајќи дека единството и литургиското заедништво се во средиштето на црковниот живот.
„Не може тоа да биде поисполнето и поубаво отколку кога Неговата Светост е со нас“, порача митрополитот Силуан, оценувајќи дека посетата претставува историски момент за мисионерското подрачје на Српската црква во Австралија и Нов Зеланд.
Поддршка за посетата изрази и амбасадорот на Србија во Австралија, Радо Стефановиќ, кој оцени дека доаѓањето на патријархот е значајно и за српската заедница и за државата Србија.
Според него, посетата треба да придонесе за духовно зајакнување на заедницата, зацврстување на нејзиниот идентитет и добивање нова енергија за продолжување на активностите во Австралија. Амбасадата на Србија, како што посочи, ѝ дала поддршка на Митрополијата австралиско-новозеландска во организацијата на канонската посета.
Патријархот Порфириј е третиот поглавар на Српската православна црква што доаѓа во посета на верниците на Петтиот континент. Пред него, Австралија ја посетија патријархот Павле во 2004 година и патријархот Иринеј во 2016 година.
Во придружбата на патријархот се митрополитите тимочки Иларион и нишки Арсениј, епископите бихаќко-петровачки Сергиј и ваљевски Исихије, како и повеќе свештенослужители и претставници на Патријаршијата.
На пречекот присуствуваа и митрополитот среднозападноамерикански Лонгин и епископот вашингтонско-њујоршки и источноамерикански Иринеј, заедно со свештенството и претставници на српските општествени организации во Австралија.

