Самопромоција како самооправдување

Date:

Share post:

Фактот, што младиот човек го напушта Господ „нажален“, покажува дека сѐ што тој изговори во разговорот со Богочовекот Христос, испаѓа само едно обично самооправдување. Истото се случува и со нас кога го напуштаме молитвениот подвиг или кога го одбиваме „повикот“ за монашки живот.

Пишува: Митрополит Струмички Наум

Деца, евангелието денес што го чувте, е само еден од примерите за начин на самооправдување и на самопромоција. Младичот Му вели на Христос дека сите Божји заповеди ги исполнил: „Сето тоа сум го запазил од младини“.

Сум ви објаснувал веќе, дека ако ги беше запазил, ем ќе знаеше што точно треба „да направи за да има живот вечен“, ем точно ќе знаеше „кои“ се Божјите заповеди, ем точно ќе знаеше „што уште му е потребно“ – без да прашува. А да не зборуваме, дека и точно ќе знаеше Кому се обраќа – а не како на некој обичен учител.

Но, еве, и да исполнил како што вели, тогаш тоа го правел во своја слава и за свој интерес, затоа и не го доживеал преобразувањето и личната заедница, како и познание на Господ.

На крај, Христос му ја разоткри целата душевна состојба: „Ако сакаш да бидеш совршен, оди, продај го имотот свој и раздели го на сиромаси, и ќе имаш сокровиште на небото; па дојди и врви по Мене! Штом ги чу младиот човек тие зборови, си отиде нажален, оти имаше голем имот“.

Фактот, што младиот човек го напушта Господ „нажален“, покажува дека сѐ што тој изговори во разговорот со Богочовекот Христос, испаѓа само едно обично самооправдување. Истото се случува и со нас кога го напуштаме молитвениот подвиг или кога го одбиваме „повикот“ за монашки живот.

Главната причина за таквото негово однесување е приврзаноста кон овоземното: „оти имаше голем имот“. Да, доволно е демонот да нѐ држи заземјени само со една од трите главни потстрасти, во случајов среброљубието, покрај славољубието и сластољубието, но приврзаноста за материјалните добра – пари и имот, е главен репрезент за отпаѓањето од Бог; главен репрезент на самољубието.

Самооправдувањето е духовна болест која е пораширена, понезабележлива и потешка од судењето и осудувањето.

Пораширена – затоа што, најчесто, дури и тие што внимаваат да не осудуваат и да не им судат на другите – јавно, не внимаваат дека се самооправдуваат – јавно.

Понезабележлива – затоа што тој што се самооправдува, многу тешко го фаќа моментот на гревот на самооправдувањето.

А потешка – затоа што, за разлика од судењето или осудувањето, тој што се самооправдува, покрај гревот на самооправдувањето, прави и повеќе други гревови, како на пример: непослушание, лажење, дрскост, противење на Божјата промисла, отфрлање на Божјата благодат итн., итн., и плус осудување на другите. А сето тоа покажува многу лоша душевна состојба.

Самооправдување може да се изведе и без зборови – со говор на тело: „Штом ги чу младиот човек тие зборови, си отиде нажален“.

Исто така, не треба пребрзо – за време додека сѐ уште некој нѐ прекорува, да побараме прошка, и тоа е вид на самооправдување. Некојпат треба да се почека да нѐ прекорат или искараат до крај.

При подвигот на послушание, не треба да паѓаме во логички или во сентиментални замки и да се самооправдуваме, на пример – зошто некој нѐ прекорува и начинот на кој тоа го прави. Итн, итн…

И да не заборавиме; битен дел од начинот на кој се остварува духовниот развој се: анонимноста и туѓинувањето до добивањето на дарот на умно-срдечната молитва и на просветлувањето на умот. Затоа, бесрамната самопромоција, на пример, на социјалните мрежи или општо, додека уште не сме го очистиле срцето од страстите и отвориле за молитвата, е длабока неосвестена потреба за самооправдување; и секогаш во себе содржи осудување на другите и носи со себе осуда од другите.

Не може да има истовремено и самооправдување и покајание. Каде што има самооправдување, таму нема и не може да има покајание.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img