На 15 септември 2025 година, Вселенскиот патријарх Вартоломеј се сретна со претседателот на САД, Доналд Трамп, во Белата куќа. Ова е шестиот американски претседател со кој патријархот остварува средба.
Разговорите во Овалната канцеларија траеле повеќе од половина час и се одвивале во срдачна атмосфера. Претседателот Трамп изразил голем интерес за иницијативите на Вселенската патријаршија и за положбата на христијаните во Турција, објави Вселенската патријаршија.
Патријархот Вартоломеј му честитал на претседателот за неговите напори за воспоставување мир во светот, особено во Украина. Била разгледана и состојбата на христијаните на Блискиот Исток.
На средбата била спомната и претстојната посета на папата Лав XIV во Турција, каде заедно со патријархот ќе ја одбележат 1700-годишнината од Првиот вселенски собор во Никеја. За оваа средба особено интерес покажал потпретседателот на САД, Џ. Ди Ванс, кој е римокатолик.
Вселенскиот патријарх, исто така, му изразил сочувство на претседателот за убиството на неговиот пријател и соработник Чарли Кирк и се заблагодарил за топлата добредојдба и за подарокот.
На средбата со патријархот присуствувале архиепископот на Америка Елпидофор, митрополитите Теодорит и Максим. Од американска страна биле присутни потпретседателот, советникот Рајнс Прибас и научниот советник Мајкл Крациос.

