Во својата беседа, Вселенскиот патријарх Вартоломеј изрази радост и благодарност за топлиот пречек и љубовта на патријархот Даниел, архиереите, свештенството, монаштвото и благочестивиот народ во Романија.
Говорејќи за целта на својата посета, тој нагласи дека таа е поврзана со споменот на два клучни настани: 140 години од доделувањето на автокефалноста на Црквата во Романија и 100 години од нејзиното воздигнување во патријаршија од страна на Вселенскиот престол. Овие настани, рече тој, се „достојни за спомен и чест“.
-Спомнувањето на историските настани во Православната црква не е формална и бесплодна обврска што служи само за повторување на минатото, туку се поврзува со самата тајна на верата во Христос, која постојано се обновува во Црквата. Изјави Вартоломеј.
Патријархот се осврна на значењето на црковното единство и на улогата на Вселенската патријаршија, нагласувајќи дека „Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква му ја довери најголемата и крстоносна одговорност на Архиепископот на Константинопол“. Тој предупреди на опасноста да се разбере автокефалијата како независност, истакнувајќи:
„Автокефалијата не служи за поделба, туку за единство.
Автокефалните цркви не се сојуз на рамноправни партнери, туку едно евхаристиско единство.“ Осврнувајќи се на Црквата во Романија, тој нагласи дека „низ целиот овој период ги оправдала очекувањата на Мајката Црква“.
Тој ги укори оние кои „отворено тврдат дека канонскиот систем на Црквата е застарен и дека Вселенската патријаршија повеќе нема обврска да се грижи за другите цркви.“
-Оние што ги занемаруваат овие вистини, забораваат дека можат да зборуваат и да пишуваат така само благодарение на трпението, добрината, љубовта и снисходливоста на својата Мајка Црква, која постојано се жртвува, изјавил Вартоломеј, кој во личен тон, ја опиша својата служба како служба на жртва, а не на власт:
„Тој, секако, не е монарх и не може да се спореди со властите на овој свет, туку го носи својот крст без негодување во својата секојдневна должност – за воскресението на мнозина.“ „Неговите интервенции не се демонстрации на сила и власт,“ додаде, „туку жртва и труд за добриот поредок на Светите Цркви.“
На крајот, тој изрази благодарност кон патријархот Даниел за неговата верност кон вистината на Црквата и го благослови народот во Романија.

