За муслиманите почнува месецот на постот, Рамазан. Во својата честитка, американскиот претседател, Доналд Трамп ги повика муслиманските верници да се спротистават на насилството во име на нивната религија.
Актите на насилство, како оние најновите, терористичкиот напад врз поп-концерт во Манчестер и атентатот врз автобус полн со припадници на христијанското малцинство, Копти, извршен во Египет кој резултираше со 26 жртви, се во директна спротивност со духот на Рамазан, истакнува американскиот претседател Доналд Трамп во соопштението кое го објави Белата куќа по повод муслиманскиот празник.
Ваквите злодела, се вели натаму во пораката, „само ја зацврстуваат нашата решителност да извојуваме победа против терористите и нивната перверзна идеологија“.
Трамп уште при својата посета на Саудиска Арабија минатиот викенд апелираше до муслиманскиот свет на заедничка борба со Западот против исламистичкиот тероризам.
Во меѓувреме, британската полиција по терористичкиот напад во Манчестер уапси уште две сомнителни лица, а завчера повторно се вршени претреси на станови. Досега вкупно беа приведени 13 осомничени, од кои две лица се повторно пуштени на слобода.
22-годишниот Салман Абеди, атентаторот со либиско потекло, во понеделникот вечерта се разнесе на концертот на американската пејачка Аријана Гранде и уби 22 луѓе, меѓу кои и повеќе деца. Полицијата претпоставува дека зад нападот се крие цела терористичка мрежа.
/DW.

