Папата Лав XIV, за време на телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин, ја повика Русија да направи чекор во корист на мирот во Украина, нагласувајќи ја важноста на дијалогот, објави Ватикан.
„Папата апелираше до Русија да направи гест што би бил во корист на мирот, нагласувајќи ја важноста на дијалогот за создавање позитивни контакти меѓу страните и барање решение за конфликтот“, се наведува во соопштението.
Портпаролот на Ватикан, Матео Бруни, изјави дека папата и Путин разговарале за хуманитарната ситуација, како и за потребата од олеснување на испораката на помош таму каде што е потребно, како и за тековните напори за размена на затвореници и вредноста на работата што ја врши кардиналот Матео Марија Џупи, надбискуп на Болоња, во овој поглед, објавува Ватикан њуз.
Кремаљ пак за разговорот објави дека Владимир Путин го привлекол вниманието на фактот дека режимот во Киев смета на ескалација на конфликтот и врши саботажа на цивилната инфраструктура на руска територија.
Ројтерс потсетува дека ова е првиот разговор меѓу новиот папа и рускиот лидер. Путин „го повтори својот интерес за постигнување мир преку политички и дипломатски средства, нагласувајќи дека за да се постигне конечно, праведно и сеопфатно решение на кризата, потребно е да се елиминираат нејзините длабоки причини“, додаде Кремљ.