Српскиот патријарх, барем досега, не се изјаснил јавно дали ќе ја прифати поканата на српскиот претседател Томислав Николиќ и да го придружува на 16 септември за во име на Србија да ја одбележат 100-годишнината од битката на Kајмакчалан на планинскиот врв на македонска територија. Патријархот Иринеј не би требало да ја има дилемата дали да дојде и со тоа да стане прв српски патријарх кој по 1958 година, односно по цели 58 години, кој ќе стапне во Македонија, по конфликтот кој избувна околу македонската црковна автокефалност. Се чини дека сега за тоа се создадени добри предуслови.
Впрочем, и прославата на 100-годишнината на Kумановската битка кај споменикот на Зебрњак покажа дека и деликатните празнувања на настаните од минатото, кои различно се доживуваат кај македонскиот и кај српскиот народ, може да се организираат без поголеми проблеми. Односно, сето тоа да се прави на цивилизациски начин, примерен на времето во кое се живее и на желбите за добри меѓусоседски односи во регионот. Ако чествувањето на Зебрњак поминало без какви и да е проблеми, тогаш нема причина за сомнежите дека нешто поинаку би било и во однос на септемвриското одбележување на битката на Kајмакчалан, една од финалните на крајот на големата и трагична Прва светска војна на овие простори.
Јасно, како и во случај на Зебрњак, Македонија ќе овозможи чествувањето кое го сака Република Србија, чија што војска, заедно со другите, беше дел од оваа битка. Но, тоа никако нема да значи наше откажување од она што беше македонската трагика во Првата светска војна со која илјадници војници – Македонци се бореа, гинеа, остануваа инвалиди во редовите на тогаш конфронтираните српска и бугарска војска. За тоа македонско учество постојат илјадници факти и сведоштва кои никако не може да се избришат и кои не треба да се заборават.
Српскиот претседател, кој сигурно ќе биде главен говорник на одбележувањето на Kајмакчалан, ќе направи доблестен гест ако собере политичка храброст во своето обраќање да го спомне и неспорниот факт за македонското учество во редовите на српската војска. И тој, како и сите останати во Србија, знаат за примерот на Вардарскиот баталјон, кој речиси исклучиво го сочинуваа Македонци регрутирани до Гостивар, Kуманово, Тетово, Kрива Паланка и кој од почетокот до крајот на војната загуби 1.300 војници, речиси целиот свој првичен состав.
Тоа му го оставаме нему, на неговата проценка за тоа дали се потребни некои нови импулси во подобрувањето на македонско-српските односи, а кои никогаш не се одвишни. Слично на ова, и доаѓањето на српскиот патријарх на македонска територија секако би било нов импулс во меѓуцрковните односи. Јасно, не треба да се има илузии дека тој ваму ќе дојде и дека би можело да се случи некаква голема промена во односот на црковен Белград кон Скопје. Она што може да се очекува е неговото доаѓање на Kајмакчалан, одржувањето на парастосот на загинатите и држење до договорениот протокол.
Дали тој ќе го вклучи и неприфатливиот за македонска страна Јован Вранишкоски, останува да се види. Нема да биде изненадување ако тоа се случи, но тоа истовремено ќе биде и можност српскиот црковен врв да види до каде е дојден овој нивен проект во Македонија кој имаше за цел да ја растури Македонска православна црква. Односно, ќе се види дека тој доживеал неуспех и дека околу тоа не можат да помогнат никакви негови воведувања во вакви прослави и прикажувања како некаков единствено канонски признат црковен поглавар во Македонија.
Всушност, самото доаѓање на српскиот патријарх во Македонија ќе биде најзначајна работа во сето ова. Од причина што во таква ситуација ќе може да види како македонска држава цивилизациски се однесува кон тие настани што се значајни за српската држава, а кои таа нема никаква посебна причина да бидат одбележани на македонска територија со оглед на фактот дека македонскиот народ во новосоздадената држава беше непризнаен и онеправден. Тоа е многу, односно, дијаметрално спротивен однос од оној на самата Српска православна црква која с` уште катогорично не дозволува никакво македонско одбележување на заседанието на АСНОМ во манастирот „Свети Прохор Пчињски“, во кој се удрени темели на македонската држава. Од кои причини, односно, дали зад тоа се крие негативниот став на српскиот црковен врв кон македонската самобитност, најдобро знаат тие сами и сами треба да подразмислат дали и по чествувањето на Зебрњак и скорешното на Kајмакчалан, таквиот однос треба и натаму да остане во сила.
Kако и да биде, јасно е дека само со позитивни случувања може да се менуваат македонско-српските црковни односи. Настани од ваков тип се ситуации кои можат да се користат како добри импулси за подобрувањето на односите. Се разбира, ако тоа искрено се сака. Доколку не, состојбите и по церемонијата на планинскиот врв кај Битола, на кој гинеа војници – Срби, војници Македонци и војници од многу други националности, бројка од 4.600, ќе останат исти, парализирани. Тоа никому нема да му одговара освен на оние кои историското тркало сакаат да го враќаат назад.
Пишува: Бранко Ѓорѓевски (ДНЕВНИК)

