Од 1 до 3 септември 2024 година во Константинопол ќе се состане Синодот на сите архиереи на Фанар, како што е утврдено да се случува на секои три години. Изворите појаснуваат дека не се работи за Синод, туку за Синаксис, што значи собир на хиерархијата без институционални овластувања, туку едноставно за информирање и слушање предлози за различни црковни работи.
Се очекува да учествуваат околу 130 до 150 архиереи, архиепископи, митрополити и епископи од целиот свет, вклучувајќи ги и митрополитите на т.н. нови земји на Грција. Како што е познато, станува збор за околу половина од архиереите на Црквата на Грција, кои со Патријаршискиот акт од 1928 година возглавуваат митрополии на грчката територија и се избираат, учествуваат и административно припаѓаат на Светиот синод на Црквата на Грција, се платени од грчката држава, освен што имаат своја духовна и канонска припадност кон Вселенската патријаршија. Исто така, ќе учествуваат архиереите на Полуавтономната црква на Крит, како и на Дванаесетостровието.
Според програмата, во сабота на 31 август во вечерните часови, во Соборниот храм Воведение на Пресвета Богородица во населбата Ставродромион ќе се богослужи вечерна за Индиктот, односно на новата црковна година.
Во недела, на 1 септември, ќе има сопрестоење на архиереите со патријархот Вартоломеј, кои на крајот ќе го потпишат Актот на новиот Индикт.
Потоа архиереите ќе го посетат соседното училиште Мараслио кое неодамна беше реновирано.
Во 17 часот ќе се отвори Синаксисот со воведен говор на патријархот Вартоломеј и со отпоздравување на митрополитот на Халкидон, Емануел.
Во понеделник и вторник, 2 и 3 септември 2024 г., митрополитот старец Халкидонски г. Емануел ќе говори на тема: „Украинското прашање и православието во балтичките земји“, Митрополитот австриски г. Арсениј ќе истапи со текст „Православните односи во таканаречената „Дијаспора“ од почетокот на војната во Украина“, митрополитот Писидиски г. Јов ќе зборува за развојот на теолошкиот дијалог меѓу православната и римокатоличката црква – Александриски текст“.
Ќе говори и архиепископот на Тијатира и Велика Британија, г. Никита, со истражувањето: „Сведочењето на Константинополската црква пред Советот на европските цркви (СЕЦ) и на форумот за дијалог меѓу Православните цркви во Европа и Епископскиот совет на Римокатоличката црква во Европа (ЕСРЦЕ)“.
Исто така ќе настапат повеќе говорители со своите истражувања, и тоа:
Митрополитот Калиуполитски и Мадитоски г. Стефан: „Типикот и литургиското предание на Големата Црква и забележаните отстапувања од нив“.
Митрополитот на Јанина, г. Максим: „Канонски упад преку медиумите“
Архиепископот на Австралија г. Макариј: „Вештачката интелигенција (AI) и Црквата“.
Митрополитот Солунски г. Филотеј: „Младината и црквата“.
Проф. д-р Георгиј – Стилијанос Превелакис: „Рускиот свет“ – епицентар и инструмент на руската геополитичка стратегија“.
Митрополитот Новозеландски, г. Мирон: „Православната мисија на Антиподите“.
Архимандритот г. Петар, игумен на манастирот на Претечата во Есекс: „Монаштвото во православната црква во 21 век“.
Архимандритот г. Петар, игумен на манастирот Ивирон: „Светата Христова Велика Црква и Светоименината Гора “.
Монахињата Теологија, игуменија на манастирот посветен на Успението Богородично Микрокастро: „Динамиката на женското монаштво во 21. век“.
Синаксисот ќе биде затворен од Патријархот со завршен говор, а ќе отпоздрави првиот во редот на митрополитите на новите земји кои ќе присуствуваат на Синаксисот.

