Рускиот претседател, Владимир Путин, вели дека исламот и муслиманската заедница се непроменлив дел од руската културна структура, и дека руската влада ќе преземе чекори за поддржување на исламската верска настава во Русија, јавува Anadolu Agency (AA).
Путин во рамките на посетата на Република Татарстан, во главниот град на оваа земја, Казан, се состана со истакнатите исламски научници од Русија.
Путин укажа на важноста од ревитализација на исламската теолошка настава во Русија.
-Исламската теолошка настава секогаш имаше една одлична, длабока историја. Пред револуцијата во 1917 година, руските муслимански теолози биле познати како истакнати личности ширум светот, и нивните мислења биле многу ценети“, рече Путин.
Рускиот претседател нагласи дека ова богатство било изгубено во периодот на Советскиот Сојуз.
-Нашата влада ќе преземе чекори за поддржување на исламската верска настава во Русија. Бидејќи традиционалниот ислам е значаен дел на рускиот културен код, и без сомнение муслиманската заедница е еден значаен елемент на мултинационална Русија“, додаде Путин.
Муслиманите сочинуваат 15 отсто од популацијата на Русија, односно во оваа земја живеат околу 20 милиони муслимани.
А.А.

