Бигорскиот манастир го промовираше новото капитално дело петтомната „Бигорска хроника – архиерејско петлетие“. Ова издание претставува летопис на духовниот живот на монашката заедница и на епископот Партениј во последните пет години.
Уредник на изданието е архимандритот Кирил, а предговорот го напишал професорот Ратомир Грозданоски.
Промотор на изданието беше професорот Александар Спасеновски. Тој посочил дека оваа хроника не е обично сведоштво на минливи настани, туку духовна повест за преобразувањето на душите на луѓето преку љубовта Христова, што се излева во делото и подвигот на епископот Партениј.
-Петте книги што ги имаме пред нас се како пет камења во мозаикот на нашата современа духовна историја. Тие го опфаќаат времето на едно благословено петлетие. Време на градење. На исцеление. На ново единство во Црквата. Време кога низ молитвата, трудот и љубовта се раѓа плод што ќе остане долго за идните поколенија. Дека од поделба може да се роди единство. И дека од трудот и подвигот никнува духовен плод што се прелева во вечноста. Драги пријатели, Дозволете ми да се задржам на еден од највозвишените аспекти на ова петлетие: местото и улогата на Бигорската обител во обновувањето на црковното единство, таа отворена рана која треба целосно да се зацели. По децении на болка, кога многумина се сомневаа дека некогаш ќе дојде денот кога ќе започне исцелението, Господ благоволи преку делото на неговите смирени чеда да го отвори тој пат. На 9 мај 2022та, со историската одлука на Вселенската Патријаршија за признавање на канонскиот статус на современата наследничка на славната Охридска архиепископија, беше исцелена раната што повеќе од половина век ја делеше нашата Црква од православното семејство. Тој датум е меѓник. Тоа е неодминлив историски факт. Духовна точка на преобразување. Тоа е момент кога солзите на поколенија монаси, свештеници и верници се претвораат во неискажлива радост, потенцирал Спасеновски.
Изданието е по повод трите значајни јубилеи што се одбележувааат оваа година: 55 години од неговото раѓање, 30 години монаштво и 5 години архиерејско служење.
На примоцијата присуствале и амбасадорката на Република Грција, Софија Филипиду, професор Ратомир Грозданоски, јеромонахот Лука од светогорскиот манастир Ксенофонт.

