Одрекување од Христос заради светот или екстремно одрекување од светот заради Христос

Date:

Share post:

Мачеништвото, монаштвото, и јуродивството заради Христос се трите најекстремни начини на одрекување од овој свет и затоа – начини на живот што најбрзо и најблиску го соединуваат човекот со Бог. Затоа, најчесто кај овие подвижници, како што вели и светиот Јован Лествичник, можеме да ги забележиме изобилно излеани сите дарови Божји на обожението: и непрестајната умно-срдечна молитва, и гледањето на несоздадената светлина, и грабнувањето на умот, и телото духовно, и дарот на чудотворство, и љубовта и кон непријателите.

Овие три начини на христијански живот заемно се проземаат и во суштина се неразделни. Маченикот е речиси секогаш монах (сам) и јуродив. Вистинскиот монах е речиси секогаш јуродив и маченик. Јуродивиот е речиси секогаш маченик и монах. Дали Светиот Дух – Кој го поттикнува и му дава сила на човекот од љубов кон Христос екстремно да се одрече од овој свет – ќе ја преточи таа негова љубов во маченички, јуродив или монашки подвиг, зависи од историските потреби и околности во коишто се наоѓа Црквата и од човековиот слободен избор. Зборувам за суштината на појавите, а не за нивната форма.

И житијата на сите свети маченици во основа се само незамолчливи сведоштва на екстремното одрекување од овој свет, коишто постојано ја будат заспаната христијанска совест низ вековите: маченикот, при полна и здрава свест, се одрекува од самиот себе и од сè свое, претпочитајќи ја дури и телесната смрт, само за да не се одрече од својот Господ Христос и за да не Го изгуби: „Кој се одрече од Мене пред луѓето, ќе се одречам и Јас од него пред Мојот Отец Небесен“ (Матеј 10, 33).

А што видовме ние во денешното евангелско четиво (види: Лука 14, 16–24)? Видовме луѓе заробени од своите страсти. Видовме луѓе кои заради задоволување на своите страсти се одрекоа од Богочовекот Христос и од Неговата „голема вечера“ – иако некои од нив се обидоа некако да се оправдаат и да се извинат. А забележавме и дека оној што се ожени толку се заслепи, што заборави дури и на елементарната култура, та не се ни извини. Зарем не се случува истото одрекување од Христос и денес, насекаде околу нас? Зарем не ја забележуваме истата млака и непостојана борба со страстите и внатре во нас? Господи, помилуј…!

Да не ме сфатите погрешно, не ви зборувам против задоволувањето на основните потреби за живот, нитупротив законското стекнување имот, ниту против бракот, туку ви зборувам против претворањето на даровите Божји во цел сами по себе. Богочовекот Христос е целта на христијанскиот живот, а даровите Божји се само средства преку кои се остварува таа цел.

Значи, зошто ги потенциравме погоренаведените крајно спротивставени примери на одрекување од Христосзаради светот, од една страна, и на екстремно одрекување од светот заради Христос, од друга страна? За да можеме внатре во тие гранични состојби полесно да се пронајдеме себеси, да се покаеме и навреме да ја избегнеме страшната осуда: „Ги знам делата твои: ти не си ни студен ни жежок; о, да беше студен или жежок! Така, бидејќи си млак, а не жежок ниту студен, ќе те изблујам од устата Своја“ (Откр. 3, 15–16).

Пресвета Богородице, спаси нѐ!

Пишува: Митрополит Струмички Наум

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img

Поврзани вести

Нови можности за рекреација: Тоневски ја најави велосипедска патеката Пробиштип–Ратавица

Кандидатот за градоначалник на општина Пробиштип, Тони Тоневски, најави изградба на нова велосипедска патека од Пробиштип до селото...

ВИДЕО: Ѓорѓиевски со екипите на терен: Акција за чистење на најкритичните локации во градот

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, утрово ја продолжи акцијата за чистење на главниот град, заедно...

Вартоломеј во Букурешт – пораката испратена кон Москва

Вселенскиот Патријарх Вартоломеј пристигна во Букурешт за осветување на најголемиот православен храм во светот, Националната катедрала на Букурешт. Тој...

Вселенскиот патријарх Вартоломеј: „Автокефалноста не служи за поделба, туку за единство во Црквата“

Во својата беседа, Вселенскиот патријарх Вартоломеј изрази радост и благодарност за топлиот пречек и љубовта на патријархот Даниел,...