На Кипар беа прославени педесет години од државниот удар против кипарскиот претседател, Архиепископот Макариј, којшто се случил на 15 јули 1974 година, по што веднаш дошло и до воената инвазија на Турција и окупацијата на северниот дел на островот.
Во храмовите во главниот град Никозија, на иницијатива на кипарскиот архиепископ Георгиј, беа поставени транспаренти со натпис „Не заборавам и се борам“, коишто потсетуваат на „страдањата низ коишто поминува нашата земја и за должноста да се бориме додека не надвладее правдата.“
По повод тажната годишнина од државниот удар што го изврши Хунтата во Грција со помош на кипарската војска, што доведе до турската инвазија, беше организиран комеморативен настан од страна на митрополијата на Пафос, на којшто присуствуваа и Претседателот на Кипар, Никос Христодулидис и Архиепископот Георгиј. Кипарскиот архиепископ во својот говор зборуваше за делото на архиепископот Макариос, поглавар на Кипарската црква и прв претседател на Република Кипар (1960-1977) и за државниот удар против него, како и за улогата на политичкото користољубие, коешто може да доведе до национално предавство. Такви луѓе има во секое време и во секој народ, но во критичните историски моменти надворешните непријатели ги искористуваат таквите и тогаш народот е тешко поразен.
„Архиепископот Макариј сакаше да ги обезбеди и гарантира условите за слобода на својот народ, да го заштити од напредувањето на Турција, која бараше повод и чекаше само некоја наша грешка за да го нападне и турцизира Кипар“. „Штетите од пучот ќе беа незабележливи и веројатно заборавени од многумина, доколку глупоста на овие малкумина беше ограничена на правење неправда само на една личност, истакната и угледна, како и на финансиските трошоци за обновување на уништеното. Вакви работи им се случуваат на другите народи. Меѓутоа, кога сте опкружени со орди варвари, кои ве надминуваат бројно и воено, секоја глупост се плаќа по исклучително висока цена. Со одземање на нашите светињи, на она што ни е најмило. Ако Турција не ги сакаше нашите земји, пучот ќе беше неправда, ќе покажеше нечии амбиции, ќе беше апсурд. Значи, тој немаше да биде национална катастрофа, пустош. Ќе беше безобразност, но не и повод за национално понижување. Кои беа вистинските причини што доведоа до гнасното дело на државниот удар? Како за неколку години преминавме од сеопшта еднодушност до братоубиствен раскол? Важно е да се разбере ова за да се извлечат потребните заклучоци за иднината, како за нас, така и за помладите… Немајќи доволно политичко искуство, по многуте години потчинување на разни угнетувачи и со ограничено познавање на интригите на Турците и на Англичаните и на нивните сојузници, паднавме во замка. За ова придонесоа и некои одредби од уставот, коишто беа основа за недоразбирање со кипарските Турци. Водени од емоции, често ја игнориравме логиката. Направивме грешки – и како раководство и како народ. И така, во атмосфера на неискуство, што сугерираше правење грешки, во период кога имаше многу критики за исходот на борбата, се развија многу разделувачки тенденции таму каде што можеше да се очекува заеднички напор да се одбие секоја агресија. И прво се појави таа група луѓе кои го обвинија архиепископот Макариј за нескротлива амбиција, која цели кон тоа да остане само на чело на државата, занемарувајќи ги своите црковни должности. Тие тврдеа дека останувајќи на власт, тој стекнал световен ум. Сепак, на дното на нивното размислување, зад овие аргументи стоеше „зошто тој, а не ние да биде на чело на државата“… „Меѓутоа, кој друг црковен водач, тогаш или сега, работел за црквата повеќе од Макариј? Освен тоа што ја организира од самиот почеток, по долгогодишното вдовство на архиепископската фотелја, од 1933 година… Макариј организира и мисија во Африка, крсти илјадници Африканци, основа семинарија во Кенија. А кој друг повеќе од него го подигна престижот на православието? Токму Макариј го обиколи светот со православното расо, здобивајќи ја почитта на сите – православни и неправославни, нерелигиозни и атеисти. Тој се соочи со цврстите атеисти, Брежњев и Тито, Мао и Кастро, и со побожните муслимани како Арафат и Насер, со крстот што секогаш го носеше на градите како неопходен додаток на своето расо. „Да ја оддадеме должната почит кон нашите предци, но и кон сите бранители на демократијата и на правната држава, кои на денешен ден, пред педесет години, ги дадоа своите животи за една слободна татковина и за перспективна иднина. Нека им е вечен споменот“ – го завршува говорот на архиепископот Георги.

