Со голема литургија за денот на светиот апостол, Тимотеј, во црквата „СВ. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник, беше одбележан именденот на Дебарско-кичевскиот митрополит, Тимотеј.
На литургијата учествуваа Струмичкиот митрополит Наум, Европскиот Пимен, Брегалничкиот Иларион, Тетовско-гостиварскиот Јосиф и Кумановско-осоговски Јосиф.
Во литургијата учествуваа и Високопреподобниот Архимандрит Нектариј, како и игумените Гаврил и Григориј.
Владиците кои денеска беа на служба во чест на именденот на Владиката Тимотеј му оддадоа почит на Владиката, како пример како се гради и чува Црквата.
-Така се гради, и така се чува Црквата, со зборови, со дела и со примери. Затоа, одговорноста, но и благословот пред се почиваат врз оние кои Црквата ги поставила да бидат светило за светот. Светило кое ќе зрачи, и со примери и со дела. А со такви примери и такви дела ни сведочи митрополитот Тимотеј. Делата и трудот негов на нивата Господова, јасно се видливи и јасно сведочат за верата негова. Јасно сведочи и свештенството на оваа епархија за својот пастир и архиереј. А сведоци сме и сите ние. Високопресвештен владико, гледајќи и знаејќи ги Вашите дела, чувствуваме особена радост, што сме денес овде во Охрид, заедно и со другите браќа архиереи за да ви го честитаме именденот. Радоста наша е особено голема што сме едно, и што го сведочиме единството, на начин кој нема алтернативи или супститути. Тоа единство, е единство во Евхаристијата, во едната чаша. Таквото единство е потврда на сета наша вера и надеж, и само тоа единство ќе остане и ќе трае, сега секогаш и во сите векови, рече Кумановско-осоговскиот митрополит Јосиф, во беседата по литургијата.
Оваа литургија доаѓа како заокружување на неколкуте сослужувања на Игуменот Гаврил со Владиците кои му даваат поддршка во намерите на Владиката Петар да покрене постапка за негово расчинување.