Индискиот мисионер од Тамил Наду, отец Сусаи Хесу, кој со години служи меѓу домородните заедници во Канада, бил избран за нов архиепископ на огромната архиепископија Киватин–Ле Пас, која опфаќа делови од покраините Саскачеван и Манитоба.
Папа ЛавXIV во понеделник го назначил 54-годишниот свештеник, член на Мисионерите Облати на Безгрешната Марија, кој служи во Канада од 2007 година. Отец Сусаи имал значајна улога во процесите на помирување меѓу Католичката црква и домородните народи – тема која е во фокусот на црквата последните години.
Досега тој служел како парохиски свештеник во Лак Сент Ан – место што домородните заедници го сметаат за свето и кое папа Франциск го посетил во јули 2022 година за време на својата историска посета посветена на помирувањето.
Отец Сусаи претходно придружувал делегација на домородни лидери во Ватикан на средба која го трасиралапатот за тоа историско помирување.
Архиепископијата Киватин–Ле Пас е една од најкултурно разновидните во Канада и е дом на метиси, кри, оџибве-кри, дене и неместно население. Регионот западно од заливот Џејмс е познат по домородниот назив Киватин, што значи „северен ветер“.
Во првата изјава по назначувањето, отец Сусаи напишал: „Среќен сум што учев кри и што ги придружував заедниците во Пеликан Нероуз и Санди Беј, а подоцна и во црквата ‚Свeто Срце на Првите Народи‘ во Едмонтон, каде што имав чест да го пречекам папа Франциск.“ Тој истакнал дека неговата мисија останува „да ги води луѓето кон Исус и да ги евангелизира сиромашните“, како дел од харизмата на Облатите. „Ова е смирувачко искуство – да се прифати Божјиот повик за служба како епископ. Бог ги избира слабите за да ги направи силни во верата и љубовта“, додал во својата изјава новиот архиепископ.
Отец Сусаи е роден на 17 мај 1971 г. во Пушпаванам, Тамил Наду, Индија. Од рани години бил привлечен од духовниот живот и во младоста се приклучил на Облатите на Безгрешната Марија. За свештеник бил ракоположен на 27 јули 2000 г. во Канчипурам. Познат е по својата лингвистичка дарба – течно говори англиски, кри и тамилски. Има магистерски дипломи по психологија и по консултативна духовност од Универзитетот „Сент Пол“ во Отава. Како канадски државјанин, активно работел со домородните заедници и сиромашните во урбаните средини. Водел бројни општествени иницијативи – од програми за храна и собирање топла облека до редовни оброци за најранливите.
Неговиот внук, отец Кристофер – кој исто така станал Облат инспириран од чичко му – изјавил: „Гледав како се однесува кон луѓето, особено кон сиромашните. Каде и да служеше, стануваше дел од заедницата. Неговата љубов кон Божјото слово инспирираше многумина – вклучително и мене.“

