По претходен договор со Неговата Сесветост Вселенскиот Патријарх Вартоломеј, Неговото Блаженство Киевски и на цела Украина, митрополитот Епифаниј ја посети Вселенската патријаршија во Фанар (Истанбул, Турција) на 13 август 2024 година.
Неговото Блаженство, Митрополитот Епифаниј и неговата делегација беа пречекани од Великиот протосингел, архимандрит Григориј, великиот еклисијарх Аетиј и од членови на Патријаршијата. Претставникот на Православната црква на Украина се поклони пред светињите на Патријаршиската црква „Свети великомаченик Георгиј“.
Потоа во резиденцијата започна средба со Неговата Сесветост, Вселенскиот Патријарх Вартоломеј. Во патријаршиската канцеларија, Неговото Блаженство срдечно го поздрави архиепископот Дманијски и Агарак-Ташир (Грузиска патријаршија) Зинон, кој пристигнал на поклонение во Вселенската патријаршија. Пред извесно време, поглаварот на ПЦУ го посети епископот Зинон во грузиската парохија во Лондон и го прими овој архиереј во Киев, за време на неговата посета на Украина.
На средбата меѓу Сесветиот Архиепископ Константинополски – Новиот Рим и Вселенскиот патријарх, Вартоломеј и Неговото Блаженство, Митрополитот Киевски и на цела Украина, Епифаниј, учествуваа и Халкидонскиот митрополит старец Емануил, великиот еклисијарх Аетиј и патријаршискиот ѓакон Епифаниј (Камјанович), како преведувач, како и митрополитот на Бела Црква, Евстратиј и протоереј Петро Ландвитович, старешина на црквата Мала Софија во Киев.
За време на средбата со патријархот Вартоломеј, поглаварот на ПЦУ, Митрополитот Епифаниј го увери Неговата Сесветост дека вратите на ПЦУ се отворени за дијалог со оние кои сè уште не се придружиле на Томосот.
„Украинската православна црква и јас лично секогаш и непроменливо изјавуваме дека нашите врати и нашите срца се отворени за секого. Постојано ги повикувавме и продолжуваме да ги повикуваме нашите браќа и сестри кои сè уште се во московската јурисдикција, со повик за единство, за заедничко создавање на единствена Помесна црква, како што е дефинирано со Томосот и со канонскиот поредок“, истакна Митрополитот Епифаниј.
За време на долгиот конструктивен братски разговор, се разменија мислења во врска со предизвиците со коишто моментално се соочува Православието воопшто и Православната Црква на Украина, особено во однос на руската агресија и обидите таа да се оправда со помош на псевдорелигиозната идеолошка реторика на „рускиот свет“.
Митрополитот Епифаниј срдечно му се заблагодари на Неговата Сесветост, Вселенскиот Патријарх Вартоломеј за постојаната поддршка на Црквата и на украинскиот народ во сегашните тешки воени искушенија, за неговото учество во миротворните и хуманитарни иницијативи и за неговата молитва за победа на вистината, правдата и мирот.
Во знак на љубовта и почитта што црквата-ќерка секогаш ја чувствува кон својата Мајка, Големата Христова Црква во Цариград и лично кон Вселенскиот Патријарх, митрополитот Епифаниј на Патријархот му подари подароци – ново издание на литургиското Евангелие на украински (мал и голем формат), комплет богослужбени панагии и книга за херојскиот отпор на Украина против руската агресија.
Потоа средбата продолжи и со учество на претставниците на украинската држава. Заменик-шефот на Кабинетот на претседателот, Олена Ковалска и шефот на државната служба на Украина за етнополитика и слобода на совеста, Виктор Еленски детално разговараа со Вселенскиот патријарх Вартоломеј за состојбата на верската слобода во Украина, која и покрај војната, се продлабочува во украинското општество. На средбата Украина беше претставена и од амбасадорот во Република Турција, Васил Боднар и генералниот конзул во Истанбул, Роман Недилски.
Украинската страна му се заблагодари на Неговата Сесветост за долгогодишната и постојана поддршка на Украина, која е високо ценета од украинскиот народ. Патријархот бил информиран за злосторствата извршени од страна на руските окупатори против верската слобода во Украина, за десетици свештеници, пастири, теолози убиени од руските освојувачи и за повеќе од 630 уништени верски објекти.
Неговата Светост нагласи дека светот многу малку знае за овие злосторства и повика да се шири вистината за верската слобода во Украина и за оние кои се обидуваат да ја уништат. Вселенскиот патријарх ја посведочи својата постојана подготвеност да ги вложи потребните напори за просперитет на православието во Украина и истакна дека се грижи за Православната црква на Украина.
Неговата Светост истакна дека поддржува сè што е насочено кон доброто на Украина. Ова особено се однесува на иницијативата на претседателот Володимир Зеленски за духовна независност, што е предуслов за развој на земјата.
Вселенскиот патријарх доби покана и од поглаварот на ПЦУ и од претседателот на Украина да ја посети земјата.
По средбата, Неговата Сесветост, Вселенскиот Патријарх Вартоломеј приреди официјален ручек во чест на гостите од Украина и секому му додели пригодни подароци.
/doxologiainfonews.com


Никој кој растура не може да гради. Тоа добро го знае секој што ќе го чуе повикот на споменатиот Епифаниј. А да не говориме за г. Вартоломеј. Знае и тој.