Прилично збунувачки беше да се види како една цела организирана медиумска структура, во случајот провладина, еуфорично величаше една вест, која во основа и не е некоја вест, барем за оние кои имаат основни познавања од црковно-канонски односи во Православната црква. Да ѝ се дава национално значење на веста за одлуката на Православната црква на Америка да ја признае автокефалноста на МПЦ-ОА, или е тотално непознавање, или пак наменски смислена пропаганда.
Но, ајде што поединци тоа го третираат така, но и кога свештеници ќе се вклучат во оваа пропаганда, тогаш нешто сериозно е труло во македонската Црква. На пример, еден таму, во обид да го оправда чекорот на Порфириј, кој барал таква одлука од ПЦА, а притоа самиот не признава автокефалност на таа црква, напишал дека српскиот Патријарх проценил оти таа црква е способна да донесува одлуки за такви канонски односи, кои ќе имале значење за православниот свет. Оди бре човече….
Но, нејсе… што всушност значи тоа за МПЦ-ОА?
Во коментарот што го објавив, објаснив што е позадината на оваа игра, а сега малку попрецизно за заблудите кои беа распослани околу наводното признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА од ПЦА, или АПЦ, како некои ја нарекуваат.
Тоа што Православната црква на Америка донела одлука за воспоставување канонско единство со МПЦ-ОА и признавање на нејзината автокефалност е внатрешен легитимен чекор на која било црковна организиација и тука нема ништо спорно. Благорадиме, да сте живи и здрави. Тоа е одговорот што треба да стаса од МПЦ-ОА. Нема никаква спорност и во тоа поглаварите на МПЦ-ОА и ПЦА да одржат литургија и да сослужуваат меѓусебе, бидејќи со оваа црква никој во православниот свет нема проблем со канонскиот статус. Сите помесни православни цркви сослужувале, сослужуваат и ќе сослужуваат со архијереите на ПЦА, меѓу нив се и владиците на Вселенската патријаршија. Што значи дека канонски таа црква е во ред. И во ред е што ете нејзините владици би сослужувале со владиците на МПЦ-ОА.
Што тогаш не е в ред?
Доколку ПЦА се поставеше како црква, која со своја одлука воспоставува канонско единство, тогаш таа одлука е легитимна. Спорна е целта на таа одлука, а таа се чита во вториот дел од соопштението, каде дополнително се чита и кој и зошто тоа го барал од ПЦА (СПЦ и Порфириј, а не МПЦ-ОА, односно Стефан. Нели Црквата е автокефална, зошто уште треба Порфириј да ја претставува?). Во тој втор дел ПЦА најавува воспоставување на меѓусебно признавање на административниот статус на ПЦА и МПЦ-ОА, взаемно признавање на автокефалностите. Нивната добиена од Руската црква во 1970, и на МПЦ-ОА автокефалноста добиена од СПЦ 2022 година. Вака воспоставениот однос на двете цркви ќе значи сојуз на две неавтокефални цркви, кои меѓусебно си се признаваат за автокефални и ќе значат уште едно орудие во рацете на Руската црква во нејзината желба за доминација во Православниот свет, на што не се спротивставува само Вселенската патријаршија, туку сите други канонски автокефални цркви.
Тезата дека Православната црква на Америка за автокефална ја признаваат неколку цркви, меѓу кои (како што пишуваат медиумските и црковните апологети) се Бугарската, Српската, Грузиската, Полската, Руската, Црквата на Чешка и на Словачка, е лажна. Ниту една од овие цркви, кои административно можеби ја сметаат за автокефална, суштински не ја препознаваат за таква. Поглаварите на Бугарската, Српската, Грузиската, Полската, Чешката и Словачката, не го споменуваат Митрополитот Тихон (поглавар на ПЦА) на литургиите, што пак е единствен јасен израз на канонско прифаќање на некоја црква за автокефална. Рускиот патријарх го спомнуваше, иако последните неколку години не споменува ниту едно име на поглавари на литургиите. Кога сослужува во Фанар, Тихон е поставен во редот на митрополитите, и тоа според ракополагањето, додека Архиепископот Стефан беше поставен оддесно, како прв, но со сѐ уште неуреден статус. Значи сите овие цркви можеби автокефалноста на ПЦА де факто ја признаа, но де јуре не, затоа што не ја впишала во диптисите — официјалниот список на поглавари што се спомнуваат на литургија. Тоа значи дека нејзиното признавање е ограничено, или „политички иницирано“, а не полно литургиско.
Но, во основата на оваа не лежи само тоа што Вселенската патријаршија не издала Томос за автокефалност, туку главниот проблем е непостоечката или спорната канонската јуриздикција на оваа црква.
Што значи тоа?
Православната црква на Америка дејствува во САД и нејзината јурисдикција се протега во тие граници. Вселенската патријаршија одбива да признанае автокефалност, затоа што таа територија ја смета како своја јурисдикција (според старите канонски правила, секоја област надвор од политичките грнаици на државите во кои има признаена автокефална црква, или трети земји, е јуриздикција на Константинопол). Тоа е тој спор за дијаспората, кој некако беше надминат на Крит со формирање на Правослоавни совети, со кои претседаваат архиереите на Вселенската патријаршија. Во тој совет во САД членуваат и владиците на ПЦА, но третирани како автономна црква на Руската црковна дијаспора.
Вториот поголем проблем зошто ниту една црква не ја прифаќа автокефалноста на оваа црква е токму статусот што во иднина би го имале епархиите на помесните православни цркви веќе формирани во САД. За да биде појасно: ако во една политичка граница има признаено автокефална црква, целата јуриздикција на таа територија е на таа автокефална црква. А ако нема, тогаш владее состојбата што сега постои.
Со други зборови, ако МПЦ-ОА утре ја признае автокефалноста на ПЦА, тогаш во чија јурисдикција ќе биде Американската епархија и парохиите на МПЦ-ОА во САД? Канонски е невозможно да постојат две јуруиздикции на еден простор, каде претходно си признал автокефалност и право на јурусдикција. Руската црква ја признава автокефалноста на ПЦА, затоа што нема своја епархија таму, бидејќи ПЦУ е токуму црковна организација на руската дијаспора. Така и е настаната таа црква. Но, зошто МПЦ-ОА би имала потреба да влегува во вакви непромислени игри?
Истиот проблем го имаат сите помесни цркви кои имаат свои епархии во САД, меѓу кои Српската, Бугарската, Романската, Антиохиската, Грузиската…
Ваков сличен проблем има и МПЦ-ОА со нејзината јурисдикција. Формално СПЦ ѝ призна автокефалност, но де јуре никогаш не се откажа од јурисдикцијата врз епархиите во Македонија. Јас неколку пати барав официјалнен став на СПЦ, дали на трите поседователни Собори од 2022 година до сега, СПЦ ги избриша од својот Устав епархиите во Македонија, согласно одлуката од мај 2022 година? Одговор не добив, но јавноста виде дека на последниот Собор СПЦ така го девалвираше (или има на ум нешто друго) терминот „Архиепископ“, што денеска СПЦ има повеќе архиепископи од владици. Секое село стана архиепископија. Во Црна Гора дури двајца. Каква врска има тоа со МПЦ-ОА, сами оценете.
Но, да се вратам на суштинскиот проблем околку јуриздикцијата на СПЦ и проблемот што тлее меѓу МПЦ-ОА и СПЦ веќе три години. Тоа е територијата на Хрватска и на Словенија. Дали за ова има писмен договор, не знам, но знам дека има јасен договор меѓу Архиепископот Стефан и Патријархот Порфириј дека црквите во Загреб и во Словенија се на некој начин дел од јурисдикцијата на СПЦ. Договорот е дека свештениците на МПЦ-ОА во тие цркви на литургиите треба да го споменуваат и Владиката на СПЦ, во случајот Кирило кој е администратор. За воља на вистината тоа не функционира, благодарение на Европскиот митрополит Пимен, кој тоа не го прифаќа, и затоа од СПЦ веќе има заработено етикета „бахатиот владика“. Но, кога – тогаш тој проблем ќе исплива на површина и ќе стане проблем.
Сумирано,
Православната црква на Америка на подолг рок нема да може да добие каква било сеправославно призната автокефалност, бидејќи потајно тоа не го сакаат помесните православни цркви. МПЦ-ОА е во далеку подбра позиција бидејќи веќе има, каква таква, согласност од СПЦ за автокефална црква, која треба да финализира со официјалниот Томос од Фанар, по што сите помесни православни цркви ќе ја препознаат како суштинска автоекфалност. На таквата одлука нема причина да се бунтува ниту РПЦ, која нели и сега ја признава, а ниту СПЦ, која нели издаде и некаков Томос за такво нешто. Прашањето е сепак дали наредбодавателот Кирил Московски и извршителот Порфирије Белградски го посакуваат тој развој на настаните, или пак идејата е да се држи МПЦ-ОА како инструмент за сопствените лични интереси и да се претстави пред православниот свет како несериозна, меѓу другото и поради неколкуте последователни одлуки кои ги носи.
Сѐ ова што јас го пишувам го разбираат голем дел од владиците на МПЦ-ОА. Некои молчат, некои тераат свои интереси. Оние малкумина што не го разбираат, тераат свои бизниси од позција на архиереи на МПЦ-ОА.
Пишува: Марјан Николовски
На МПЦ не и треба Томос од Фанар, теза што упорно ја форсираш.
Ако веќе сметаш дека треба, цитирај според кој канон…
Или престани да ја манипулираш јавноста.
Томос се добива само од Фанар ( 1-во престолната Патријаршија)
Кај тебе и кај твоите налогодавачи, односно и кај оние кои што ве плаќаат, нема вистина и има само злоба и пакост.
Пред се ви требаат лекови и лекарства.
Ама всушност, за вас помош нема.
Се ова што правите нема никаква полза и е чисто зло.
Ќе нема каде да се скриете еден ден …
Една кратка забелешка…
Руската Црква во САД има две административни единици. Тоа се неколку епархии под самата Руска Православна Црква, односно Московската Патријаршија. Другата единица е автономната Руска Задгранична Црква, која влезе повторно во канонско единство со Московската Патријаршија пред неколку години, но го задржи својот автономен статус.
Меѓутоа, малку е збунувачки тезата дека ако на една територија постои одредена црква тогаш сите епархии спаѓаат во таа црква. Вселенската Патријаршија има своја Архиепископија во САД предводена од Архиепископот Елпидофор, а Вселенската Патријаршија е гласна во своето убедување дека единствено таа Архиепископија е канонско исправна, иако патријаршијата ги признава за канонски сите други епархии на северно-американско тло. Зарем сега српските, руските, бугарските, грузиските, романските, антиохијските, и македонските епархии се под Елпидофор? Сигурно не. Е сега дали би требало истите да бидат соединети под една помесна капа – а предводена од Тихомир а од Елпидофор а од трето лице – тоа е друго прашање, но со оглед на тоа дека во Македонија се дигаше огромна врева кога ПОА дејствуваше колку толку на иста територија како и МПЦ, тогаш сум длабоко убеден дека сите православни цркви во САД би требало да дејствуваат како дел од една иста помесна црква. Кога така мора во Македонија, нека ни биде така и во Америка.