Митрополит Дебарско-кичевски, г. Тимотеј, храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Охрид
Денешното евангелско четиво, нè поучува дека нашиот Господ е милостив и ни ги проштева многуте наши престапи и гревови. Но, исто така, Он, од нас бара и ние да им ги проштеваме престапите и гревовите на нашите блиски, познати, па дури и на нашите непријатели. Он, особено бара да не се исполнуваме со омраза и со освета. Тоа е законот и прописот на нашиот Спасител Господ Исус Христос, односно, законот на Новиот завет.
Од историјата знаеме дека омразата и осветата никогаш и никаде не донеле мир и благосостојба. Напротив, поттикнувале војни, непријателства, убиства и многу маки и страдања. Уште во Стариот завет, и тоа во самиот почеток на Библијата се вели дека Каин го убива својот брат Авел, затоа што Бог ја примил жртвата Авелова. Каин, немал храброст да му прости на својот брат ниту една молитва. Неговиот, пак, внук Ламех го искажува своето начело: „Ќе убијам човек, кој ќе ме рани, и младич, ако ме удри” (1. Мојс. 4, 23).
Овој принцип ќе биде проширен кај многуте народи, па дури и кај старите Римјани и античките Грци. Нам, исто така, познат ни е принципот „око за око” и „заб за заб”. Тоа се сметало за достоинство, и доколку не се постапело така, се доживувало како навреда и слабост кон својот противник. Примајќи го, пак, христијанството, повеќето народи почнуваат овие старозаветни принципи да ги заменуваат со опростување, со помирување, односно, ги заменуваат со љубов. На тоа, уште од самиот почеток на христијанството, нè упатуваат многуте свети луѓе.
Да го земеме примерот на св. архиѓакон Стефан. Овој млад човек, кој со ништо не се огрешил кон тогашната Еврејска заедница во Ерусалим, ќе биде каменуван, а тој, пак, паѓајќи на колена, ќе ги види небесата отворени и ќе Го моли Господа Бога: „Господи, не примај им го ова за грев!” (Дела 7, 60). Св. ап. Павле, исто така, ги советува првите христијани: „Благословувајте ги оние што ве гонат; благословувајте ги, но не и да ги колнете” (Рим. 12, 14).
Овие христијански принципи се совршени. Но, се поставува прашањето, дали ние, како христијани, постапуваме така? Дали сме се издигнале на таа височина кон која сме повикани да бидеме? Дали сме се ослободиле од страстите и слабостите, од гревот и од омразата? Да бидеме објективни и искрени. Малкумина тоа го постигнуваат. Повеќе ни е прифатливо старозаветното начело. Начелото на одмазда и на освета, отколку Христовиот закон, законот на љубовта.
Ние, често пати, немаме храброст, смелост и доблест да им простиме на сопствените деца, на сопствените родители, браќа и сестри, а да не зборуваме за нашите непријатели. Не е спорно дека, за да се постигне ова, треба голема вера и добродетелен живот. А ние, бидејќи тоа го немаме во доволна мера, се однесуваме така како што се однесуваме.
Некој можеби ќе каже, па нели нашиот Бог е љубов, а не простување и каење. Точно е дека Бог е љубов, но каде што е љубовта, таму има покајание и простување. Љубовта е причина, а простувањето е последица. Самиот Господ Исус Христос во Господовата молитва нè учи: „Прости ни ги долговите наши, како што им ги проштеваме и ние на нашите должници” (Мт. 6, 12). Како што кажавме на самиот почеток, денешното евангелско четиво нè поучува да им проштеваме на нашите должници.
Ако се потрудиме да отфрлиме од нашата душа и од нашата мисла секаква омраза, злоба и пакост, тогаш, ќе создадеме погодна почва Бог да ја излие својата Божествена благодат и да постанеме сосуди на Светиот Дух. И тогаш ќе разбереме и ќе научиме дека Бог им проштева на тие што проштеваат. Бог ги милува тие што се милостиви.
Да се обратиме со искрена молитва кон св. Георгиј, во чијшто храм денес служиме и Бог нека ги услиши нашите молитви, така нека биде. Амин!

