Архиепископот Стефан му го честиташе изборот на новиот папа Лав 14. Во честитката поглаварот на МПЦ-ОА, вели дека со неговиот избор Католичката црква добила достоен наследник на починатиот папа Франциск.
Архиепископот Стефан очекува Лав 14 да ги продолжи и делата и мисијата на папата Франциск.
Честитката во целост.
До Неговата Светост
Папа Лав XIV
Света Столица
Ваша Светост,
Ни претставува чест да Ви се обратиме по повод Вашиот избор за Поглавар на Католичката Црква.
Дозволете Ни во овој историски момент за Вас, од името на сета полнота на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, да Ви го честитаме изборот за 267-ми папа на римската столица.
Со изборот на Вашата Светост, Католичката Црква доби достоен наследник на блаженоупокоениот Папа Франциск, кој, веруваме, ќе ги продолжи и надгради неговите дела и мисија.
Триединиот Бог нека Ве дарува со боговдахновена, смирена, плодородна и долговечна служба, пројавена преку Вашата молитвена грижа и ревност за Неговиот народ и Неговиот Дом.

