Бигорските монаси и монахињи снимија музичко CD

Date:

Share post:

Монасите и монахињите од Бигорската обител од манастирите во Бигорски и Рајчица издадоа два музички диска со источно црковно пеење. Двете музички изданија се дел од низата проекти кои се подготвени во знак на одбележување на дваесетгодишнината од возобновеното монаштво во Бигорската Обител, со посебен акцент на враќањето на источно-црковното пеење во храмовите на МПЦ кое настана токму по возобновувањето на монашкиот живот.

1Едното музичко издание е насловено „Малиот молебен канон на Пресвета Богородица“, и е испеано од монахињите на Бигорскиот метох на Свети Георгиј Победоносец во Рајчица, а второто е „Молебниот канон на Свети Јован Крстител, во чест на неговата чудотворна икона“, испеано од монасите на Бигорски.

-Пред повеќе од десет години, поточно во 2002 година, на барање на  верниците, со Божја помош во Бигорскиот Манастир беше снимено во живо пеењето на богослужбите од најсветите денови на Страдањата на нашиот Спасител Господ Исус Христос и Неговото славно Воскресение. Ова наше прво музичко издание, насловено како ‘Пасхални песнопенија’, настанато сосема спонтано, без некакви посебни подготовки и услови, и покрај сите свои недостатоци како едно од првите во македонската византиска дискографија, беше најтопло примено од аудиториумот и одигра значајна улога во нашата мисија за приближување на народот кон Бога. Потоа како резултат на иницијативата на нашата Обител и нејзината плодна соработка со Македонската филхармонија и други музички автори, во јавноста излегоа уште два аудио записи во живо од концертите на источно-православна музика одржани во текот на 2012 и 2013 година, а во спомен на Страдањата и Воскресението Христови. Сега, пак, како одговор на сè поголемиот интерес и љубов кон источно-црковното православно пеење во нашата земја и желбата на нашиот народ за враќање кон своите традиционални музички корени, братството на Бигорската Обител и сестринството на Рајчичката Обител ‘Св. Георгиј Победоносец’ му го принесува на дар на благоверниот македонски народ овој свој скромен музички плод, кој полека се развиваше и созреваше низ секојдневниот молитвен и богослужбен живот, стои во предговорот на овие изданија, напишан од Архимандритот Партениј.

Изданието, покрај музичкиот диск, содржи книга во која заедно со предговорот на Архимандрит Партениј, се поместени текстовите на двете богослужби кои во целост се испеани на дисковите, како и прилог од величанија за повеќето светители во годината, кои можат по избор да се додадат на одреденото место во богослужбата.

Двата диска биле снимени во текот на месец август минатата година, во студиото М1 на Македонската Радио Телевизија, под раководство на нивниот стручен тим.

Дисковите може да се купат во продавницата на Бигорскиот Манастир и Манастирот Рајчица, или да се нарачаат овде.

Погледнете ја фотогалеријата од подготовката на овие музички изданија.

 

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here