Македонската Православна Младина на Австралија (МОУА) на 15 ноември 2025 година го одржа 17-от по ред Годишен младински семинар, кој традиционално претставува најзначаен собир за православната младина во Австралија. Настанот се одржа во манастирот „Свети Климент Охридски“ во Кинг Лејк и собра учесници од голем број македонски заедници, како и млади од други помесни православни Цркви и различни националности.
Годинашната тема „Млади и православни: Живеење на верата денес“ привлече голем интерес и создаде атмосфера на заедништво, духовност и размена на искуства. Денот започна со Божествена Литургија, која ја служеа архимандритот Гаврил Галев и свештеникот Џон Д’Алтон од Антиохиската православна црква. Молитвената тишина и собраната младина создадоа силно чувство на единство, што ја одбележа целата програма.
По богослужбата следеше работниот дел на семинарот. Предавања одржаа архимандритот Гаврил Галев на тема „Православниот одговор на големите предизвици на денешната младина“, презвитерот Климент Станковски на тема „Да бидеш млад и православен“ и мајка Христина, која говореше за практичните аспекти на живеењето на верата во современиот свет.
Учесниците активно се вклучија во групни интерактивни работилници, каде имаа можност да поставуваат прашања, да дискутираат за духовните предизвици во нивното секојдневие и да споделуваат лични искуства. Дел од програмата беа и активности во природата околу манастирот, со што се дополнително се зајакна атмосферата на духовна обновa и дружење.
Присутните млади дојдоа од сите краишта на Австралија, при што значителен дел беа припадници на други православни етнички заедници. Организаторите истакнаа дека оваа разновидност е потврда дека Црквата за многу млади претставува живо место на духовност, пријателство и заеднички вредности.
Семинарот помина во мирна, молитвена и ученичка атмосфера, а МОУА упати благодарност до сите предавачи, доброволци и учесници што придонесоа настанот да биде успешно организиран. Од организацијата порачаа дека овие собири остануваат клучни за јакнење на православната вера кај младите и за негување на македонскиот идентитет во Австралија.

