Папата упатил силна порака до актерите, режисерите и сценаристите од светската филмска индустрија и ги повикал да бидат „сведоци на надеж, убавина и вистина“ за современиот свет.
Во аудиенција организирана во Ватикан, тој истакнал дека киното не е само забава, туку „популарна уметност во највисоката смисла“, наменета за сите. Тој дополнил дека филмските дела нè тераат да го погледнеме сопствениот живот, да ги преиспитаме сложените искуства и повторно да ја откриеме надежта, која е суштински дел од човечкото живеење.
Папата подвлекол дека киното е „повеќе од слики што се движат“, бидејќи „става надеж во движење“. Тој го нарекол киното „ритмичкото срце на заедниците“, кое придонесува тие да станат човечни, но нагласи дека последиците од дигитализацијата и затворањето на кино-салите ја ставаат уметничката и социјалната вредност на филмот на тест.
Во контекст на овогодишната јубилејна година, Папата рекол дека присуството на толку многу уметници од целиот свет е пример за надеж. „Вие сте поклоници на надежта“, додал тој. Тој ги потсетил присутните дека нивното патување не се мери во километри, туку низ слики, зборови, емоции, споделени спомени и колективни стремежи.
Папата ги охрабрил уметниците да не се плашат да се соочуваат со проблемите на денешниот свет. „Добриот филм не ја експлоатира болката; тој ја препознава и ја истражува“, рече тој, додавајќи дека говорот за сложени и понекогаш мрачни чувства во човечките срца е „дел од љубовта“.
Во завршницата, Папата нагласил дека филмската продукција е заедничка работа што бара соработка на режисери, техничари, сценографи, актерите и сите што стојат зад сцената — бидејќи нивните таленти и дарби треба да „изникнат“ од братската и соработувачка атмосфера.

