Нигерија ќе ја прифати помошта на Соединетите Американски Држави во борбата против исламистичките бунтовници само ако нејзиниот територијален интегритет биде почитуван, изјави портпаролот на нигерискиот претседател во вторник, откако американскиот претседател Доналд Трамп се закани со можни военидејствија против исламистите во оваа африканска земја.
Изјавата на нигериската влада следеше по предупредувањето на Трамп дека САД ќе разгледаат „брза воена операција“ во Нигерија доколку властите во Абуџа не преземат мерки против нападите и убиствата на христијани.
„Ја поздравуваме секоја американска помош, доколку таа го почитува нашиот суверенитет и територијална целовитост,“ изјави Даниел Буала, портпарол на претседателството, за агенцијата Ројтерс.
Тој истакна дека Нигерија се соочува со сериозни безбедносни предизвици во северните и централните региони, каде што милитантни групи како Боко Харам и Исламската држава во Западна Африка (ISWAP) со години изведуваат напади врз цивили и верски заедници.
Изјавата доаѓа во момент на засилени меѓународни критики за насилството врз христијани во некои делови од земјата, но и чувствителни дипломатски односи меѓу Вашингтон и Абуџа. Според локални коментатори, реакцијата на Нигерија има цел да покаже дека државата е отворена за соработка, но нема да прифати странска интервенција без согласност на своите институции.

