Согласно и христијанската психотерапија, постојат три степени на душевно разболување на човекот, а тоа се неврозата, растројството на личноста (психопатија, социопатија) и психозата. Овие состојби се познати и на модерната психолошка наука, но не и нивната демонска позадина. Постојат и три степени на духовен развој на личноста, а тоа се чистењето на срцето од страстите – и од демоните поврзани со нив, просветлување на умот – кое произлегува од умно-срдечната молитва и обожение на целиот човек – и душа и тело. Овие состојби постојат и познати се единствено во Црквата Божја.
Невротичниот човек не може да си ги исконтролира своите мисли – следствено и чувства, честопати и своите зборови, а понекогаш и своите дела. Кај неврозата препознаваме неколку фази на развој. Првата фаза ја препознаваме по слабата контрола над мислите и чувствата; втората фаза, по слабата контрола над зборовите; а третата фаза, по слабата контрола и над делата. Тоа се фази на постепено разболување.
И првиот степен на духовното растење – чистење на срцето од страстите, има три фази. Првата фаза е воздржувањето од лошите дела; втората фаза е воздржувањето и од лоши зборови; а третата фаза е воспоставување на контрола и над лошите мисли и чувства. Тоа се фази на исцелување.
И во двата случаи, сите опишани фази се поврзани: колку човек не успева да ги исконтролира мислите и чувствата, толку нема да може да се воздржи и од лоши зборови, како и од лоши дела. И обратно, колку човек успева да ги исконтролира мислите и чувствата, толку ќе може да ги исконтролира и своите зборови, како и дела. Неврозата завршува со растројство на личноста. Доволното очистување на срцето завршува со просветлувањето на умот. Разликата е голема.
Затоа, невротичниот, а особено психопатот и социопатот, не можат да сфатат што просветлениот човек се обидува да им објасни. Тие секогаш ја бараат единствено човечката правда – наместо најпрво Божјата, и никогаш не ја гледаат големата слика. А, сѐ се сведува на тоа – на злото да се врати со љубов; да се сведочи Богочовекот Христос во овој свет.
Суштината на подвигот за исцеление е во контролата над мислите и чувствата – когнитивната и емоционална зрелост. Контролата над мислите и чувствата зависи од молитвениот опит на човекот. Затоа, христијаните се повикани непрестајно да се молат (види: Сол. 5, 17). Но, не како било. Само оној што молитвено ја насочува енергијата на својот ум кон своето срце и ги исполнува Божјите заповеди – во послушание на духовен отец, може да се смета дека води православен духовен живот и дека поминува низ процесот на исцеление. Умот на таквиот човек лесно воспоставува контрола над својата волја и над своите желби. Затоа, христијанската психотерапија е психосинтеза, а не – психоанализа.
Потребно е да се разграничи процесот на разболување од процесот на исцелување, односно трите нивоа на развој на личноста – очистување, просветлување и обожение, од трите нивоа на разболување на индивидуата – невроза, растројство на личноста и психоза; заради препознавање на сопствената состојба, но и заради восогласување на начинот на нашиот живот со степенот на духовниот развој на кој се наоѓаме и барање на помош од духовен отец на Црквата.
Што е разликата помеѓу индивидуа и личност, од христијански аспект? За личност – потенцијално, говориме дури кај оние што преку послушание кон духовен отец во Црквата, зачекориле по патот на очистување на срцето од страстите – што не значи дека не покажуваат и знаци на невроза. Индивидуата се наоѓа во некои од нивоата на разболување на личноста: невроза, растројство и психоза; надвор од послушание на својот Епископ. Оттука, јасно е зошто толку депресивни, збунети и невротични луѓе гледаме околу нас денес. Нивни главни карактеристики се бегство од реалноста, еуфоричноста, агресивноста и очајанието.
И да не забораваме, сите ние, поединечно, сме во прелест – некој во поголема, некој во помала; дури и оние што се на некој од степените на духовниот развој; а, оној што мисли дека воопшто не е во прелест, таквиот е во најголема прелест. Прелест е лажна состојба на умот; гледање и разбирање на нештата субјективно – согласно сопствените страсти и дошепнувањата на демоните.
Господи Исусе Христе, помилуј нас!
Пишува: Митрополит Струмички Наум