Потсетник

Date:

Share post:

Согласно и христијанската психотерапија, постојат три степени на душевно разболување на човекот, а тоа се неврозата, растројството на личноста (психопатија, социопатија) и психозата. Овие состојби се познати и на модерната психолошка наука, но не и нивната демонска позадина. Постојат и три степени на духовен развој на личноста, а тоа се чистењето на срцето од страстите – и од демоните поврзани со нив, просветлување на умот – кое произлегува од умно-срдечната молитва и обожение на целиот човек – и душа и тело. Овие состојби постојат и познати се единствено во Црквата Божја.

Невротичниот човек не може да си ги исконтролира своите мисли – следствено и чувства, честопати и своите зборови, а понекогаш и своите дела. Кај неврозата препознаваме неколку фази на развој. Првата фаза ја препознаваме по слабата контрола над мислите и чувствата; втората фаза, по слабата контрола над зборовите; а третата фаза, по слабата контрола и над делата. Тоа се фази на постепено разболување.

И првиот степен на духовното растење – чистење на срцето од страстите, има три фази. Првата фаза е воздржувањето од лошите дела; втората фаза е воздржувањето и од лоши зборови; а третата фаза е воспоставување на контрола и над лошите мисли и чувства. Тоа се фази на исцелување.

И во двата случаи, сите опишани фази се поврзани: колку човек не успева да ги исконтролира мислите и чувствата, толку нема да може да се воздржи и од лоши зборови, како и од лоши дела. И обратно, колку човек успева да ги исконтролира мислите и чувствата, толку ќе може да ги исконтролира и своите зборови, како и дела. Неврозата завршува со растројство на личноста. Доволното очистување на срцето завршува со просветлувањето на умот. Разликата е голема.

Затоа, невротичниот, а особено психопатот и социопатот, не можат да сфатат што просветлениот човек се обидува да им објасни. Тие секогаш ја бараат единствено човечката правда – наместо најпрво Божјата, и никогаш не ја гледаат големата слика. А, сѐ се сведува на тоа – на злото да се врати со љубов; да се сведочи Богочовекот Христос во овој свет.

Суштината на подвигот за исцеление е во контролата над мислите и чувствата – когнитивната и емоционална зрелост. Контролата над мислите и чувствата зависи од молитвениот опит на човекот. Затоа, христијаните се повикани непрестајно да се молат (види: Сол. 5, 17). Но, не како било. Само оној што молитвено ја насочува енергијата на својот ум кон своето срце и ги исполнува Божјите заповеди – во послушание на духовен отец, може да се смета дека води православен духовен живот и дека поминува низ процесот на исцеление. Умот на таквиот човек лесно воспоставува контрола над својата волја и над своите желби. Затоа, христијанската психотерапија е психосинтеза, а не – психоанализа.

Потребно е да се разграничи процесот на разболување од процесот на исцелување, односно трите нивоа на развој на личноста – очистување, просветлување и обожение, од трите нивоа на разболување на индивидуата – невроза, растројство на личноста и психоза; заради препознавање на сопствената состојба, но и заради восогласување на начинот на нашиот живот со степенот на духовниот развој на кој се наоѓаме и барање на помош од духовен отец на Црквата.

Што е разликата помеѓу индивидуа и личност, од христијански аспект? За личност – потенцијално, говориме дури кај оние што преку послушание кон духовен отец во Црквата, зачекориле по патот на очистување на срцето од страстите – што не значи дека не покажуваат и знаци на невроза. Индивидуата се наоѓа во некои од нивоата на разболување на личноста: невроза, растројство и психоза; надвор од послушание на својот Епископ. Оттука, јасно е зошто толку депресивни, збунети и невротични луѓе гледаме околу нас денес. Нивни главни карактеристики се бегство од реалноста, еуфоричноста, агресивноста и очајанието.

И да не забораваме, сите ние, поединечно, сме во прелест – некој во поголема, некој во помала; дури и оние што се на некој од степените на духовниот развој; а, оној што мисли дека воопшто не е во прелест, таквиот е во најголема прелест. Прелест е лажна состојба на умот; гледање и разбирање на нештата субјективно – согласно сопствените страсти и дошепнувањата на демоните.

Господи Исусе Христе, помилуј нас!

Пишува: Митрополит Струмички Наум

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img

Поврзани вести

Митрополитот Јован: Епархиите што ги имаме се нефункционални, ќе бараме отворање на ова прашање во Синодот

Тројцата владици на МПЦ-ОА, поранешни членови на ПОА, пред Синодот ќе го отворат прашањето за функционалноста на епархиите...

Нов 21 метарски крст во Скопје

Од минатата сабота, на празникот Митровден, небото над Раштак и Скопска Црна Гора доби нов симбол – светлечки...

Ватикан покрена истрага против швајцарски гардист поради наводен антисемитски инцидент

Ватикан започна истрага поради наводен антисемитски инцидент во кој припадник на Папската швајцарска гарда, за време на папска...

Незадоволство во редовите на Руската православна црква: свештеници проговорија за војната и лицемерието на системот – III

Го напуштив свештенството во Руската православна црква – не сакам повеќе да се мачам во атмосфера на дволичност...