Во последната деценија забележлив е пад на бројот на земји каде христијаните се мнозинство, покажува истражување на Пју Рисирч центарот.
Во 2020 година, 120 од вкупно 201 земја и територија имале христијанско мнозинство – што е за четири помалку во споредба со 2010 година. Паралелно, бројот на држави со мнозинство религиозно неопределени пораснал на 10, три повеќе отколку пред една деценија.
Меѓу земјите кои го изгубиле христијанското мнозинство се Велика Британија, Австралија, Франција и Уругвај. Во првите три ниту една религиозна група нема мнозинство, додека во Уругвај религиозно неопределените станаа водечка група со 52% од населението.
Неопределените добија мнозинство и во Холандија (54%) и Нов Зеланд (51%). Тие се придружија на Кина, Северна Кореја, Чешка, Хонг Конг, Виетнам, Макао и Јапонија – земји каде оваа група веќе доминираше уште во 2010 година.
Истражувањето покажува дека религиозно неопределените се најконцентрирани во Кина, каде живееат две третини од нив. Христијаните, пак, иако сочинуваат само 29% од светската популација, се мнозинство во 60% од земјите во светот, благодарение на нивната широка географска распространетост.
Во однос на другите религии, бројот на земји со мнозинство муслимани (53), будисти (7), хиндуисти (2) и Евреи (1) останал ист во споредба со 2010 година.
Христијанството останува најголема религија во светот, со 2,3 милијарди верници. Но, иако бројот на христијани се зголемил за 122 милиони, нивниот удел во светската популација опаднал за 1,8 процентни поени, на 28,8%.
Најбрзо растечка група во последната деценија се муслиманите. Нивниот број се зголемил за 347 милиони – повеќе од сите други религии заедно. Денес муслиманите сочинуваат 25,6% од светската популација, што е раст од 1,8 поени.
Будизмот, пак, е единствената голема религија што изгубила следбеници: бројот на будисти се намалил за 19 милиони, на 324 милиони, или 4,1% од светската популација.
Религиозно неопределените – познати и како „nones“ – бележат силен раст. Нивниот број се зголемил за 270 милиони и достигнал 1,9 милијарди, или 24,2% од светската популација. Оваа категорија е трета по големина во светот, по христијаните и муслиманите.
Хиндуистите растеле во чекор со светската популација и денес бројат 1,2 милијарди следбеници, односно 14,9%.
Евреите исто така останале стабилни со 14,8 милиони верници, што претставува околу 0,2% од светската популација. Другите религии заедно – меѓу кои Бахајци, Даоисти, Џаинисти, Сики, следбеници на народни верувања и други – сочинуваат 2,2%.

