Полицијата во Москва уапси парохијанин од црквата „Света Троица“ во Хохли, Русија, на барање на претстојателот на храмот, познатиот свештеник Андреј Ткачов.
Алексеј Севастиенко бил долгогодишен парохијанин во оваа црква, каде што до неодамна служел свештеникот Алексеј Умински, кој бил отстранет затоа што не ја изговарал молитвата за победа на руската армија во Украина за време на службите.
Уапсениот Алексеј бил сметан за „јуродив“, односно „чудак“. Често носел груба облека, почнувал да прави земни поклони среде улица и секогаш го кажувал она што го мислел. Спорел и со претходниот претстојател на храмот, свештеникот Алексеј Умински.
До апсењето дошло откако пред почетокот на неделната литургија, тој му се приближил на свештеникот Андреј Ткачов додека овој излегувал од својот автомобил паркиран пред влезот на црквата и почнал гласно да го укорува, цитирајќи стихови од Библијата: „Не убивај! Не посакувај го домот на ближниот!“
Обезбедувањето на свештеникот го отстранило натрапникот, а подоцна пристигнала полиција која го уапсила јуродивиот за време на службата.
Во полициската станица, тој изјавил дека е уапсен по дојава на свештеникот. Бил задржан 24 часа и потоа пуштен на слобода. Составен му е записник за „дискредитација на армијата“.
Како сведоци против него во полиција се појавиле еден ѓакон и еден член на обезбедувањето. Во записникот за административно прекршување се наведува дека, додека бил во храмот, Севастиенко „се изразил против Специјалната воена операција и го обвинил претседателот на Руската Федерација и патријархот за убиства на цивили во Украина“. Записниците за „дискредитација на армијата“ се еден од инструментите на властите за заплашување на оние кои не се согласуваат со војната. Случајот против Севастиенко веќе се разгледува од Московскиот суд.
Свештеникот Андреј Ткачов е познат по тоа што, освен московскиот патријарх, е единствениот кој е постојано придружуван и служи во присуство на вооружено обезбедување. Тој се плаши за својот живот, а неговите чувари стојат дури и на амвонот за време на богослужението. На влезот од храмот има поставено метален детектор за проверка на посетителите.
Андреј Ткачов се нарекува „омилениот проповедник на патријархот Кирил“. Познат е по својата патолошка омраза кон Украинците, што не ја крие во своите проповеди во храмот и на црковните емисии. Тој е популарен проповедник со илјадници почитувачи, вклучително и кај нас. Поради неговиот дар за зборување, повеќето од неговите почитувачи не го препознаваат агресивниот дух во неговите проповеди, што ги подготвува неговите слушатели безрезервно да прифаќаат дури и говор на отворена омраза и отфрлање.
Темата за дојавувањето во руските црковни кругови е особено болна и актуелна по почетокот на војната против Украина. Не се ретки случаите на дојави од страна на парохијани за нивните свештеници или други христијани од поарохијата кои не ја поддржуваат милитаристичката политика на режимот. Сепак, случајот во црквата „Света Троица“ е можеби првиот каде што парохијанин е уапсен заради изразени антивоени ставови по дојава од свештеник.
/dveri.bg


Dveri.bg е нешто како таблоид во категоријата ‘православни гласила’, а и religija.mk има горе-долу слични тежнеења. Колку се веродостојни и како се интерпретирани информациите во горниот текст е веќе дискутабилно.