Хистеријата е природна одлика на псевдозилотизмот. Всушност, неговата хаотична ревност, воедно е и хистерична. И тоа е, разбирливо, состојба која се должи на духовната “недокваканост”. Својствено за псевдозилотизмот е (пак и пак) да сее страв, неизвесност, да зборува за конспиративност, предавства… – да прави од Православието буква без Дух, некаков систем кој ограничува, да го сведува на суеверен рецидив, да промашува богословски, место да исповеда вера која ослободува преку и во Христа.
И бидејќи, како и секогаш, псевдозилотите малку читаат, а уште помалку се молат со љубов и во покајание, а пак најмалку духом растат, го пропуштаат суштинското. Сега се впрегнале, со сиот свој осудувачки потенцијал, против очигледно православната иницијатива на Вселенската патријаршија за заедно славење на Пасха со Римокатолиците. Зошто се против? Зашто ним само им паднале во очи зборовите “заедно”, “католици”, “календар”, но не и делот од соопштението: “согласно Пасхалијата на нашата Православна Црква”. Иако многу е веројатно дека овој повик на првопрестолната Црква ќе биде само едно ехо, но и те како е израз на грижа, која потекнува од болката поради неединството.
Псевдозилотите не сакаат единство, обединување, мир, хармонија, дури ни според преданиските принципи на православната вера. Во тој случај тие ќе немаат причина да постојат. Тие се хранат од хаосот, својата егзистенција ја должат на разделението.
Псевдозилотизмот е проникнат со самодоволноста на хилијазмот – “ние и само ние, избраните”.
Псевдозилотизмот е чувар на фарисејското поведение – “го цедат комарецот, а ја голтаат камилата”, “ги прошируваат своите записи и ги продолжуваат ресите на својата облека”; псевдозилотите се сурови и крути до тој степен што не размислуваат и веднаш викаат: “распни го, распни”.
Псевдозилотизмот е и необогомилство – во своите конспиративни конструкции постојано го нагласува злото и му придава сила и важност, речиси како на некое начало. Псевдозилотите како да Го тргаат Бога на страна, па во својот занесен транс се гледаат во улогата дека тие го спасуваат и чистат светот од лошото и лошите. Тие се противници на поставениот хиерархиски поредок во Црквата и неретко си земаат улоги што нѐ принадлежат.
Тешка болест на православното тело е псевдозилотизмот. Го нарекуваат модерното фарисејство”, “омилената играчка на нечестивиот”, “верски тоталитаризам”, “духовна социопатија”…
Црквата, во прв ред епископите, посветено треба да се позанимава да се искорени овој какол меѓу житото.
Иако е јасно, тоа некаде веќе и го напишав: “не се виновни тие две-три деца, туку оние во расо што нивната ревност не само што не ја насочија, туку и ја злоупотребија”.
Пишува: Отец Бобан (Фејсбук статус)

