Вселенскиот Патријарх Вартоломеј му се обрати со слово на новоизбраниот бугарски Патријарх Даниил по свечениот молебен за неговата интронизација. Тој го поздрави, го прегрна и му рече дека секогаш ќе биде добредојден во Фенер, по што двајцата патријарси разменија братски целив. Во своето слово Патријархот Вартоломеј рече дека со многу добра надеж и очекување, со силен глас и трепетно срце извикува: „Достоен“. Тој истакна дека навистина во историјата врската помеѓу Константинополската црква и Бугарската црква понекогаш била конфликтна и болна, но Православната црква не треба манијакално да се фокусира на минатото, бидејќи Црквата е есхатолошка реалност, а не реалност од минатото. Истовремено тој забележа дека историјата поучува, и дека оној што не учи од своите грешки во минатото, неизбежно ќе претрпи последици и во иднината.
„Ваше Блаженство, Софиски митрополит и Патријарх на Бугарија, господине Данииле,
… Возљубени чеда на светата Православна црква во Софија и во целата богоспасувана земја – Бугарија.
Првиот секогаш треба да биде украсен со добродетелите на верата, бидејќи праведниот живот ја покажува правилноста на учењето и чистотата на делата сведочи за божественоста на верата.
Денес гледаме, во Вашето лице, возљубен и многупочитуван во Христа Бога брате, господине Данииле, како се остваруваат и потврдуваат овие зборови, коишто пред речиси илјада и двесте години ги изрекол кон бугарскиот владетел – св. кнез Борис-Михаил нашиот претходник св. Фотиј Велики. Ваше Блаженство, штотуку бевте избран со канонски гласови за Софиски митрополит и Патријарх на цела Бугарија – украсен со праведност на верата, која ја гарантира убавината и благолепието на животот и цврстината на божествените догмати, а сјајот на благочестието ја најавува убавината и вистината на животот.
Ве целиваме и со длабока љубов и со искрена почит го прегрнуваме Вашето Блаженство по повод Вашиот избор за архипастир на првопрестолната катедра на Црквата во Бугарија како наследник на блаженопочинатиот и вечнопамјатен Ваш претходник – кроткиот и смирен патријарх Неофит, и со многу добра надеж и очекување со силен глас и трепетно срце извикуваме: ДОСТОЕН!
Сите денес собрани како во горницата на светата Педесетница, го гледаме со умот на нашето срце пламениот јазик на Светиот Дух – Утешителот како уште едно историско појавување во овој важен момент. Ние сме сведоци и продолжувачи на светата историја на Црквата и додаваме нешто мало кон непрекинатата последователност на верата и го потврдуваме и ние, според нашите сили, неизменливиот завет на нашите отци.
Природно, Источноправославната црква не страда од синдромот на „историзмот“, т.е. од исцрпување на нејзината стварност и на нејзината суштина во едно манијакално заглавување во случените настани во минатото, бидејќи историјата никогаш не била безоблачна. Токму спротивното, би рекле сосема отворено, дека таа била бурна и исполнета со многу бранувања. И поточно: врската помеѓу нашата Константинополска света Велика Христова црква и Вашата тука, свети брате, била понекогаш конфликтна и болна. Сепак, историското минато не може да биде критериум за црковниот живот, бидејќи Црквата е една есхатолошка реалност, а не реалност од минатото. Се разбира, историјата нè поучува и оној што не учи од грешките и бедите од историското минато, неизбежно ќе претрпи последици во иднината.
Црквата на Константинопол како севкупна мајка-хранителка на сите православни цркви, чекорела, чекори и – со Божја помош – ќе чекори секогаш во историскиот живот со постојана верност на есхатологијата, бидејќи токму таму се наоѓа и вистината на нештата, без, се разбира, да ја напушта својата особената тежина и да ја занемарува историјата, бидејќи во таков случај би паднала во едно идеалистичко битие.
За жал, денес некои православни браќа развиваат неоснована полемика против суштината на одговорностите на Константинополскиот архиепископ, кој ја воплотува жртвената природа на тие одговорности, како што светите вселенски собори ги формулираа под влијание на Сесветиот Дух во неизменливите канонски решенија и Црквата им дала неотповикливо толкување во својот живот и во својата пракса низ вековите.
Главниот приговор на ситнодушните и неблагодарни кон нивната мајка-благодетелка – Великата Христова црква, се концентрира во тоа што првенственото место во жртвата и следствено, во честа на Константинополскиот архиепископ, се должело на историски дадености, неповратно поминати (во времето) и затоа сите тие денес имале само музејска и истражувачка вредност, намерно и преднамерно занемарувајќи го фактот дека тие предности на одговорноста ѝ служат исклучително на спасителната, односно на есхатолошката перспектива на Црквата, а не на некакви световни амбиции или властољубиви намери.
Повторуваме настојчиво, дури и со ризик да бидеме сметани за многуговорливи, дека одговорностите на Константинополската црква се утврдени од светите вселенски собори, што ќе рече: од Самиот Сесвет Дух и од богоносните отци, коишто го слушале Неговиот деликатен и боготворечки здив и го опишале неизменливото искуство на Црквата.
Токму тоа животворно искуство на Црквата го донесуваме денес и тука кај вас, браќа и чеда, земајќи лично учество во вашата радост, која е радост и славје за целокупната Една, света, соборна и апостолска Црква. Ова го сведочиме денес на ова свето собрание: нашето искуство од носењето на Крстот Христов, на страдањата заради Неговата љубов, на светоста, на единството, на помирувањето, на согласноста, на меѓусебното прифаќање и на солидарноста и на сите оние добродетели, кои го придружуваат и обележуваат вистинскиот и чист црковен живот.
Го поздравуваме едногласниот потег да бидеме поканети да присуствуваме лично на изборот и интронизацијата на првиот меѓу вас – еден настан, кој се случува за првпат во црковната пракса. Овој исклучително надежен факт дава нова перспектива во меѓуправославните односи и така отвора нова епоха. Таа епоха треба да биде обележана со надминување на историските тешкотии, на изолацијата и самодоволноста и со радосни срца да го отвори патот за враќање на „црковноста“ во меѓуправославните односи.
Како што го кажуваме ова, возљубени и посакувани браќа и чеда, ја воздаваме пофалбата и славословието кон Трисветиот Бог и татковски го благословуваме христољубивиот бугарски народ, кој прв го прегрнал проповеданото од Константинополската црква-мајка благовестие на спасението во Христа.
А на тебе, Блаженејши брате, ти посакуваме да бидеш пример за подражавање, неотклонливо насочен и вкотвен во тивките и благи пристаништа на светата и Велика Христова црква. Во скромниот, но вечно светечки „Фанар“ ти секогаш ќе наоѓаш разбирање, поддршка и помош. Во него ќе се оживотвориш од животворните струи на Богородичниот град, кој со големо трпение и сесрдечна благодарност ја чува правдата на верата и канонското предание на здравата еклисиологија.
И така, заедно со богоречивиот апостол Павле „ве молам да се однесувате достојно според звањето, за кое сте повикани, со сета понизност и кротост, со долготрпеливост, поднесувајќи се еден со друг со љубов, трудејќи се да го запазите единството на Духот преку врските на мирот. Едно тело сте и еден Дух, како што сте и повикани кон една надеж на вашето звање. Еден Господ, една вера и едно крштение, еден е Бог и Отец на сите, Кој е над сè, и преку сите, и во сите нас.“ (Ефес. 4:1-6). На добар час со благодатни сили, свети брате! Достоен!“
/dveri.bg
Даниил неике патријарх на Булгариа, него Бугарски патријарх. Цариградски патријарх му се руга у лице називајући г патијрахом бугарске… Срамота