Дали ново барање до судот ќе значи и регистрација на јовановата ПОА, зависи од законските процедури на државата.
Директорот на Комисијата за односи со верските заедници и релгиозни групи, Даријан Сотировски вели дека законот предвидува во кои услови и како може да се регистрира една верска заедница.
-Точно е дека група на граѓани имаат право да се организираат, но да го остварат истото на начин предвиден во Законот. Во светло на Законот останува спорен називот, паралелизмот, како и целите кои не се во функција на развој на верската заедница што сакаат да ја регистрираат, туку во функција на трајна автономна зависност кон странска верска заедница, на покраинско ниво, вели Сотировски во изјава за МИА.
Откако Судот во Стразбур ја одби жалбата на државата и одлучи позитивно по предметот на ПОА, Сотировски вели дека Законот за парнична постапка, односно членот 400 од истиот, ја утврдува понатамошната постапка во ваков случај.
-Странката може да употреби вонреден правен лек барање за повторување на постапка пред првостепениот суд во Скопје. Сепак мора да се нагласи дека Европската конвенција за човекови права како правен акт врз чија основа одлучува Европскиот суд за човекови права предвидува генерални прокламации за неприкосновеното право за верско убедување и организирање на човекот. Но, начинот, условите и постапката за регистрација на верска заедница се пропишуваат со позитивно правните прописи на Република Македонија, односно Законот за правна положба на црква, верска заедница и религиозна група, вели Сотировски.

