Дури 7320 деца, во вкупно 25 градови во Македонија, утре на ден Бадник, во чест на Христовото Раѓање, ќе ја создадат најголемата коледарска дружина не само во Македонија туку во православниот свет воопшто.
Според последните информации, најголемата, свечена и најрадосна бадникова манифестација „Бадникови поворки 2018“, утре на ден Бадник, во терминот меѓу 10 и 13 часот, ќе сплоти 7320 деца, во вкупно 25 градови во Македонија, но ова е само официјалната пријавена бројка на деца – учесници.
Можете ли да замислите колкав ќе биде вкупниот број на учесници на самиот настан, ако се земе во предвид дека децата ќе дојдат во придружба на своите родители и дека секое детенце кое и никаде не се пријавило, ќе биде подеднакво добредојдено да чекори во поворката покрај Божикната пештера, ѕвездите, и да ја пее Божикната песна „Вечниот Бог“.
Во продолжение, се најосновни информации за стартот на Бадниковите поворки за сите градови што ќе бидат опфатени со Поворките оваа година.
СКОПЈЕ: Поворките почнуваат во 11:30 часот од 3 позиции:
- ул. Македонија (кај Црквата во изградба Св.Константин и Елена)
- На плоштадот пред Св.Димитрија (кај поранешна стоковна куќа Мост)
- пред Црквата Пресвета Богородица (на левата страна на Кејот на Вардар).
Од 11:30 до 11:45 децата се подредуваат во долга поворка која тргнува кон Соборниот Храм каде што оваа огромна коледарска дружина предводена од познатите личности ќе биде дочекана и дарувана од дедо Стефан.
Претходно во 9 часот, 50-тина деца коишто се дел од Бадниковата поворка во Скопје, го посетуваат домот на Претседателот на РМ, Ѓорѓе Иванов, а во 10:30, организирани групи на деца кои бројат од 200 до 600 учесници, ги посетуваат и Градоначалниците на скопските општини.
Еве ја саатницата и почетната позиција на поворките во останатите градови кои во најголем дел ќе завршат во општинските простории каде коледарчињата ќе имаат средба со својот Градоначалник.
БИТОЛА: Почеток 11:30 пред зградата на општина Битола;
ОХРИД: Почеток 10:30 пред Храмот „Св.Георгиј“ Охрид
СТРУГА: Почеток 10:00 пред Црква „Св.Георгиј“ Струга
КИЧЕВО: Почеток 10:30 пред „Св. Апостоли Петар и Павле“
РЕСЕН: Почеток 10:30 пред Црквата „Св.Кирил и Методиј“
ПРИЛЕП: Почеток 10:00 пред Храмот „Св.Кирил и Методиј“
КРУШЕВО: Почеток 10:00 пред Црквата „Св.Никола“
ТЕТОВО: Почеток 11:00 пред Соборниот храм „Св.Кирил и Методиј“
ГОСТИВАР: Почеток 11:00 пред Соборен храм „Успение на Пресвета Богородица“
КУМАНОВО: Почеток 09:15 пред „Св.Никола“
СВ.НИКОЛЕ: Почеток 10:30 пред Црквата „Св.Никола“
ВЕЛЕС: Почеток 11:00 пред „Св.Кирил и Методиј“ (т.н новата Црква во Велес)
ШТИП: Почеток 09:45 пред Соборен храм „Св.Никола“
РАДОВИШ: Почеток 11:00 пред Црквата „Св.Илија“
СТРУМИЦА: Почеток 11:00 пред Црквата „Св.Кирил и Методиј“
ГЕВГЕЛИЈА: Почеток 10:00 пред Црквата „Св.Кирил и Методиј“
НЕГОТИНО: Почеток 12:00 пред Храмот „Св.Атанасиј“
КАВАДАРЦИ: Почеток 10:00 пред Храмот „Св.Петка“
ДЕМИР КАПИЈА: Почеток 10:30 пред „Успение на Пресвета Богородица“
ВАЛАНДОВО: Почеток 10:00 пред Црквата „Св.Димитрија“
БОГДАНЦИ: Почеток 10:00 пред „Св.Атанасиј“
ПРОБИШТИП: Почеток 11:30 пред „Успение на Пресвета Богородица“
КРИВОГАШТАНИ: Почеток 10:00 пред Храм „Св.Димитрија“
МОГИЛА: Почеток 09:30 пред ОУ „Гоце Делчев“
БЕЛОВИШТЕ, ВРАТНИЦА, СТАРО СЕЛО, РОГАЧЕВО – Поаѓање од 10 часот…
-После еден подолг тежок период за Македонија во кој навикнавме на улиците на нашите градови да гледаме изливи на бес и незадоволство, конечно ќе се случи излив на радост и тоа од детските срца кои најчисто , како ангели, ќе го наговестуваат Христовото Раѓање, а со тоа и раѓањето на нова надеж за секој од нас поединечно, но и за нашата заедничка Татковина Македонија – нагласуваат организаторите на настанот – Здружението „Бадникови поворки“.

