Духовен разум

Date:

Share post:

„Светило за телото е окото. И така, ако твоето око биде чисто, и целото твое тело ќе биде светло; ако, пак, твоето око биде лошо, целото тело ќе ти биде темно. И така, ако светлината што е во тебе е темнина, тогаш каква ли ќе е темнината?“ (види: Матеј 6, 22–33).

Знаете од Светите Отци дека умот се нарекува и око на душата. Ако суштината на умот, во срцето, е чиста, што значи просветлена, тогаш и нашата душа и нашето тело ќе бидат светли; а, ако пак, суштината на умот е извалкана и затемнета, од прифатените и во дело спроведени гревовни помисли, тогаш и нашата душа и нашето тело ќе бидат темни. И телото е учесник во несоздадената светлина на преображението или не е – зависи од нас самите.

Наша прва христијанска цел е да стекнеме духовен разум, односно прво да ја преобразиме енергијата на умот преку нејзината примарна функција – молитвено единство со Бог, односно со Неговата несоздадена енергија, така што еднаш веќе преобразената енергија преобразено да се однесува и во својата секундарна функција – комуникацијата со овој свет.

А, ако раз-умот во нас стане темнина, односно ако знаењето добиено од првото очистување на енергијата на умот го користиме за забележување и осудување на туѓите гревови, а не за исправање на своите, тогаш каква ли ќе е темнината од зависта, паранојата и омразата кон личноста и успесите на нашиот ближен?

Значи, демонот, преку задоволувањето на страстите, од една страна, ги прави луѓето поклоници на идолите – демоните, а од друга страна, им го затемнува умот (а со тоа и разумот) и целото нивно битие. Затоа Богочовекот Христос нè опоменува дека не е возможно истовремено да им служиме на двајца господари, на Бог и на мамон.

Треба да правиме разлика помеѓу Оној Кој секогаш е Господар, и во вечноста и во времето, и оној кој е господар само кога некој му служи, и тоа само времено. Нашиот Бог – Света Троица – Отецот и Синот и Светиот Дух, Е секогаш Господар, Творец на небото и на земјата и на сè видливо и невидливо. Бог е и наш Творец и наш Отец, односно Устроител на нашето спасение во Богочовекот Христос, преку Светиот Дух. Бог е Господар без оглед на тоа дали ние Нему Му служиме или не. Ѓаволот (демонот) е господар само на оние кои му служат, инаку е немоќен и пресмешен.

Никој од нас не сака свесно да му служи на демонот, и сите ние се сметаме себеси за слуги Божји. Но, секојдневниот живот нè демантира. Секојпат кога ќе се поведеме по нашите страсти и ќе ги задоволиме, секогаш, велам, ќе му послужиме, повеќе или помалку, на демонот поврзан со нив. И, секогаш кога на злото ќе вратиме со зло, му служиме на демонот. А, срцето останува извалкано и затворено за молитвата во него.

Најлошо е кога мислиме дека на Бог Му служиме, а во суштина му служиме на демонот. Тоа се нарекува прелест. Тоа се случува кога начинот на нашиот живот не е восогласен со степенот на духовниот раст на кој се наоѓаме. Оттука произлегува и нашето острастено поистоветување (за разлика од пастирскиот пристап) со овосветските шеми на организирање надвор од Црквата: државата, нацијата, партијата. Затоа, најмногу треба да нè загрижи прашањето: дали сме на правиот пат или не? Интересно е што и кога ќе слушнеме како треба, не сакаме или не собираме сила да се покаеме.

Нашиот пастирски пристап кон државата, нацијата и партијата – нив ги преобразува и зајакнува, додека пак, нас нѐ осветува, а поистоветувањето со нив – нас нѐ заслепува, а нив ги уништува. Кој ни е крив после?!

Време е да престанеме да му служиме на оној што не е наш господар. Сигурно не сакаме свесно да станеме пасачи на свињи (страсти) при нивниот газда (демонот), страдни да го наполниме својот стомак со нивната храна (задоволување на страстите) и повторно да останеме гладни, кога знаеме дека многу наемници при нашиот Отец Небесен имаат леб (насушен) во изобилие (види: Лука 15, 15–17). Што ли имаат тек чедата Божји?

Пресвета Богородице, спаси нè!

Пишува: Митрополит Струмички Наум

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img

Поврзани вести

Нови можности за рекреација: Тоневски ја најави велосипедска патеката Пробиштип–Ратавица

Кандидатот за градоначалник на општина Пробиштип, Тони Тоневски, најави изградба на нова велосипедска патека од Пробиштип до селото...

ВИДЕО: Ѓорѓиевски со екипите на терен: Акција за чистење на најкритичните локации во градот

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, утрово ја продолжи акцијата за чистење на главниот град, заедно...

Вартоломеј во Букурешт – пораката испратена кон Москва

Вселенскиот Патријарх Вартоломеј пристигна во Букурешт за осветување на најголемиот православен храм во светот, Националната катедрала на Букурешт. Тој...

Вселенскиот патријарх Вартоломеј: „Автокефалноста не служи за поделба, туку за единство во Црквата“

Во својата беседа, Вселенскиот патријарх Вартоломеј изрази радост и благодарност за топлиот пречек и љубовта на патријархот Даниел,...