„Свети Пајсиј Величковски“ е најновата превод на книга во издание на повардарската епархија, која излезе од печат непосредно пред Саемот на книгата оваа година. Преводот е на свештеникот Игор Пармачки, со благослов на Митрополитот Повардарски г. Агатангел.
Книгата е посветена на животот на Светиот Пајсиј од Украина. Митрополитот Агатангел во предговорот на книгата пишува за неговата духовна возвишеност.
-Светиот Пајсиј е еден од најзначајните обновители на духовниот живот во денешна Романија, а преку неговите духовни чеда и во Русија. Во неговиот живот превел многу значајни светоотечки дела, од кои најзначајно е Добротољубието, кое го превел од грчки јазик. Благодарение на неговиот превод на црковно-словенски јазик, денес сите словенски Цркви го имаат преведено ова капитално дело на свој јазик. Напишал и многу писма до разни личности, како и дело за Исусовата молитва. Во негово време бил возобновен духовниот живот во романските манастири, каде што монасите живееле под раководство на духовник – старец, се занимавале со Исусовата молитва и се причестувале редовно на Божествената литургија. Во својот живот Бог го удостоил да биде духовник на повеќе од илјада монаси, од разни националности, преку кои исихастичкото предание и автентичното старчество се проширило низ цела денешна Романија, Русија, како и на целиот Балкан, пишува владиката г. Агатангел во предговорот.
