Почна четвртата светска верска и меѓурелигиска конференција на дијалогот во Македонија, што годинава од 3 до 5 ноември се одржува во Битола. Конференцијата ја отвори Директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Валентина Божиновска.
-Желбата на одредени политички центри на моќ да завладеат и да го наметнат своето влијание во светот, доведе до појава на нестабилност на владите, внатрешни револуции во земјите, дезинтеграција на Блискиот исток. Сето тоа придонесе за појава на верскиот фундаментализам и јакнење на верската нетрпеливост. Последниве години, миграциската криза беше толку силна што предизвика извесна неодлучност и збунетост во самата Европска Унија како да се постапи кон мигрантите. Дали на границите да се кренат ѕидови кои ќе затвораат или, обратно, ќе овозможат отвореност и слободен проток? Затворени или отворени граници – луѓето се тука, со различна вера, но се молат на ист Бог, како и да го нарекуваме, молитвата на сите ни е иста – мир, соживот, толернација, достоинствен живот за нашите најблиски, потеницраше Божиновска.
Во продолжение целото обраќање на директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, проф. д-р Валентина Божиновска
Добредојдовте во библиска Македонија, во градот Битола, центар на ранохристијанството, градот на конзулите, кој со својата богата традиција, богата историја и отвореност кон разните конфесии и националности има посебно место во историјата на Македонија. Градот кој со право се нарекувал Монастир, чија духовна ризница го сплотувала народот во изобилство од традиција и култура што претставува вистинска ретка слика на духовна религиска потврда во светот.
Уважени, дозволете ми свеченото отворање на оваа конференција да го започнам со цитат од познатиот амеркански претседател Франклин Рузвелт, кој уште во 30-тите години на дваесеттиот век, ќе рече: „Запомнете, и секогаш запомнете, дека сите ние, вклучително и Вие и јас, сме потомци на мигрантите и револуционерите!“. Навистина, дефинирачка карактеристика на секој човек е да мигрира од едно место на друго, да бара подобри услови, да тежнее кон подобар живот, а со тоа да се усовршува и да чекори напред. Но, на тој пат кон духовното, неминовни се предизвиците.
Денес сме сведоци на многу кризи со кои се соочува светот, мигрантски, економски, политички. Светот стана воено и политички нестабилен, делумно како резултат на економската криза и продлабочување на јазот помеѓу богатите и сиромашните. Желбата на одредени политички центри на моќ да завладеат и да го наметнат своето влијание во светот, доведе до појава на нестабилност на владите, внатрешни револуции во земјите, дезинтеграција на Блискиот исток. Сето тоа придонесе за појава на верскиот фундаментализам и јакнење на верската нетрпеливост. Последниве години, миграциската криза беше толку силна што предизвика извесна неодлучност и збунетост во самата Европска Унија како да се постапи кон мигрантите. Дали на границите да се кренат ѕидови кои ќе затвораат или, обратно, ќе овозможат отвореност и слободен проток? Затворени или отворени граници – луѓето се тука, со различна вера, но се молат на ист Бог, како и да го нарекуваме, молитвата на сите ни е иста – мир, соживот, толеранција, достоинствен живот за нашите најблиски.
Токму заради општочовечката идеја за хуманост и љубовта кон Бога, Република Македонија направи исклучителен чекор во справувањето со бегалската криза и мигрантите помагајќи и на Европската унија во ублажувањето на последиците кои се закануваа со дестабилизација и со политички, економски и социјални проблеми од подолгорочен карактер. Македонија покажа не само гест на добра волја, туку и висока свест и степен на организираност во најкритичните моменти кога тоа беше најпотребно. Излеговме лидери во регионот и се надеваме дека тој гест нема да биде заборавен во името на идната соработка, дијалог и разбирање, кои се во духот на големото европско семејство, но и многу пошироко.
Уважени, големината на еден народ се состои во неговата способност да се обединува со Бога, да гради мостови на разбирање и мир. Столбот на верата е нашата свест за другиот. Нашиот катадневен придонес успешно да се справиме со напливот на бегалци е одраз на големото и духовно историско ехо што од навек го носиме во себе. Придобивката која ја имаме од различните вери е нашата молитва кон светот, нашиот јазик, зборови и дела се вистинска потврда за универзалниот хуманизам.
Современиот свет не може да се надева на подобро утре, доколку покажува индиферентност и нетрпеливост кон религиските прашања и разлики – доколку не ги почитува фундаменталните права на човекот, неговото право на идентитет, религија, јазик и култура, како нераскинлив дел од неговиот интегритет и достоинство. Живеејќи во време на негирања, не успеавме да им подлегнеме на провокациите и од ова библиско тло, сите заедно се заложивме за еден нов свет на меѓусебен дијалог и почитување. И натаму продолжуваме да ја изразуваме нашата солидарност и хуман однос кон секој оној се бори за достоинствен и подобар живот. Сите ја чувствуваме таа благодатна сила, изразена преку љубовта кон Бога, да покажеме дека сакаме и знаеме да градиме единство меѓу нас.
Уважени, дијалогот меѓу религиите и културите денес нема алтернатива. Нашето искуство со организирањето на вакви конференции укажа дека токму дијалогот е вистинскиот и единствен пат кој може да нé преобрази, да не зближи, наспроти сите актуелни предизвици во светот. Дијалогот и соработката меѓу различните религии ќе овозможат подобри услови за интеграција и полесно справување со актуелните предизвици на миграцијата.
Да не заборавиме никогаш – гласот на сите светски религии е ист – за соживот, взаемно почитување, сакање на сите луѓе без предрасуди – и гладните и ситите, и сиромашните и богатите, и болните и здравите. Да не заборавиме дека сите религии повикуваат и нé учат на најголемата божја мудрост – срцето постојано да ни е отворено за давање, секогаш да подаваме рака на оној на кој што му треба.
Како во Исусовите зборови:
„Огладнев и Ми дадовте да јадам; ожеднев и Ме напоивте; бев странец и Ме примивте; бев гол и Ме облековте; бев болен и Ме посетивте; бев во темница и дојдовте при Мене.’ Вистина ви велам, доколку му направивте на еден од овие Мои најмали браќа, Мене Ми направивте.’(Матеја 25)
Или како што пишува во Куранот:
„Ги сакаа оние што се иселија кај нив…ги сакаа повеќе од самите себеси, иако кај нив има недостиг. А оние кои ќе се сочуваат од лакомост, па тие, токму, се спасените!“(Куран Ел-Хашр 59:9)
Истата порака ја праќа и Тората:
„Туѓинецот, кој престојува со вас, нека ви биде како ваш сонародник; љуби го како себеси; зашто и вие бевте странци во Египетската Земја.“(Тора Левит 19)
Во мое лично име, и од името на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Ви посакувам успешен почеток на четвртата по ред Светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог.

