Верски календар: 30 Октомври
МПЦ-ОА/ Светите маченици и бесребреници Козма и Дамјан
Едни од оние коишто се именуваат со ова име мирно се упокоија на 1 ноември. Другите беа каменувани во Рим на 1 јули, а овие третите беа од Арабија и под денешниот датум за нив станува збор. По занимање беа лекари, но кога ја примија Христовата вера ги исцелуваа болните со името на Исус Христос. Заради ова чудотворно лечење за нив се расчу на сите страни. Злобните незнабожци ги фатија и ги одведоа пред кнезот Лисиј во градот Егас. Бидејќи Светите браќа по никоја цена не сакаа да се одречат од Христа, најпрво ги фрлија во море, а потоа во оган. Но Семоќниот Бог ги спаси и од потоп и од оган. Ангел Господов им се јави спасувајќи ги. Незнабожечкиот кнез му го припишуваше ова на некоја нивна магија. А тие му одговорија: „Никаква магија не знаеме и не користиме, но ја имаме силата Христова којашто н ѐ спасува и нас и сите што го повикуваат пресветото име Христово.“ Тогаш ги удираа со камења, но камењата се одбиваа од нив; ги стрелаа со стрели, но и стрелите се одбиваа. Најпосле ги обезглавија со меч. Со нив пострадаа и примија венец на слава Светите Леонтиј, Антим и Евтропиј. Пострадаа во времето на Диоклецијан и Максимијан. Од нивните свети мошти се јавија многубројни чуда, како во времето кога беа живи.


Malku ste go.pogresile datumo.Kuman I Damjan se na 14 .112016 ke ve zamolam da nego bunite naradot
Свети Кузман и Дамјан има 3 пара.
1. на 1. јули (т.е. на 14. јули по граѓански) кои биле маченици и бессребрнеици од Рим
2. на 17. октомври (30. окт.) маченици од Араввија
3. на 1. ноември (14. ноем.) праведници од Асија
Впрочем и во горното житие тоа е објаснето. 😉