Верски календар: 18 Октомври
КАТОЛИЧКА ЦРКВА/ Св. Лука, Евангелист.
По потекло бил од Антиохија. Го следел свети Павле на неговото второ мисиско патување од 49-52 година, од Троада до Филипи. Од свети Лука има само две веродостојни списи, Евангелието по Лука и Делата Апостолски. Во своето Евангелие го прикажува Христос, кој дошол да ги спаси грешните, им се приближува и им нуди спас. Така Лука ја запишал една од најдобрите параболи – приказната за изгубениот син. Оваа парабола се смета за една од најчитаните страни на Библијата, бидејќи оваа приказна најдобро покажува каков е Господ, нашиот Татко Небесен. Во делата апостолски Лука ни кажува за ширењето на христијанството од Ерусалим до Рим, т.е. за делувањето на Апостолите, односно црквата по Воскреснувањето Христово. На Свети Лука му се молат и душевно и физички болните, а најмногу мисионерите и теолозите, за да ги чува при проповедањето на Христовата Радосна вест.

