Најавената седница на Синодот, посветена на состојбите во Австралија, повторно го отвора прашањето за иднината на македонската православна дијаспора во Австралија. Како што објави Религија.мк, седницата на Синодот во редовен (понл) состав има само една точка на дневен ред, а тоа е епархиите во Австралија.
Според последните информациите, со кои располага Религија.мк, станува збор за можни кадровски промени, избор на архијереј или избор на архијереи, но засега останува неизвесно дали истите ќе се случат, во која форма ако се случат, или се во последен момент ќе се остави повторно на времето.
Она што е поважно за македонските верници во Австралија е дали евентуалните промени ќе значат суштински пресврт или само формална реорганизација.
Во изминатите децении, црковниот живот во Австралија беше обележан со поделби, институционални несогласувања и долготрајни судски процеси како резултат на судирот помеѓу владиката Петар со црковните општини, кои повеќе од 25 години бараа промени на кадровата политика. Оваа година во јануари владиката Петар во Мелбурн направи прослава по повод 30 години од неговот назначување за администратор на епархијата, за што објави и Религија.мк.
-Токму затоа секоја најава за негово евентуално разрешување се следи со зголемено внимание, но и со одредена резерва, велат доброупатени извори за Религија.мк.
Тие потенцираат дека клучната дилема што се поставува пред синодската седница е дали евентуалните нови решенија ќе донесат вистинско надминување на долгогодишните проблеми, или пак ќе претставуваат продолжување на веќе воспоставените модели на управување.
Дали ќе се случи само промена на улога и можност за повторно влијание само преку избор на близок човек на досегашното раководство, и еден глас повеќе останува да видиме во четврток. Половични решенија би можеле повторно да создадат нови тензии, особено доколку промените не ги опфатат сите отворени прашања поврзани со организацијата на епархиите, велат изворите на Религија.мк
Од друга страна, сè погласни се и очекувањата дека евентуалните одлуки треба да бидат насочени кон обнова на единството и враќање на довербата меѓу верниците во согласност со нивните потреби и барања, наместо кон нови поделби. Оттаму, исходот од седницата нема да се мери само според кадровските решенија, туку пред сè според тоа дали ќе отвори простор за вистинска стабилизација на состојбите и вистинско помирување во заедницата или ќе се отворат можности за нови поделби. Дали тоа значи дека е можно да биде донесено и решение за еден архијереј во Австралија, и од двете епархии повторно враќање во една, нешто што се навестува на два дена до седницата, ќе стане појасно по одлуките на Синодот во четврток.

