Верските организации се мобилизираат за помош по ураганот Мелиса

Date:

Share post:

Разорниот ураган Мелиса, кој достигнал степен на исклучително силна бура од петта категорија, предизвикалогромни разурнувања во Јамајка, Хаити, Куба и Доминиканската Република, при што биле оштетени или целосно уништени бројни цркви, а илјадници домови неупотребливи за живеење. Последиците од бурата дополнително се влошиле поради обилните и долготрајни дождови, кои предизвикале поплави и свлечишта, оставајќи ги заедниците исцрпени и ранливи низ целиот Карипски регион. Најмалку 45 лица загинале во Јамајка, додека во Хаити бројот на жртви надминал 300, а во Куба биле регистрирани сериозни материјални штети и масовни евакуации.

Во вакви услови, верските заедници и црквите, меѓу кои и партнери на мрежата ACT Alliance, се вклучиле во одговорот на кризата преку молитви, финансиска помош и хуманитарна поддршка. Генералниот секретар на Јамајканскиот баптистички сојуз, свештеникот Мерлин Хајд Рајли, истакнал дека иако ураганите не се новост за регионот, Мелиса претставува поинакво и досега невидено искуство за Јамајка, нагласувајќи дека последиците од климатските промени стануваат сè поочигледни и поразорни. Според него, уништените животи и егзистенции оставиле длабоки трауми, поради што поддршката за најпогодените заедници ќе биде неопходна и во наредниот период.

Светскиот совет на црквите, преку својот генерален секретар упатил порака на солидарност до погодените цркви и жители, изразувајќи длабока тага поради разорната сила на ураганот и охрабрувајќи ги верниците да ја најдат својата сила во верата, со цел да им помогнат на настраданите и да ја обноват надежта. Во меѓувреме, бројни христијански организации започнале конкретни активности на терен: Baptist World Aid организирал посебна кампања за молитва и донации, додека Обединетиот методистички комитет за помош одобрил итни грантови за обезбедување храна, вода, засолниште, хигиенски средства и основни лекови во Јамајка, Хаити и Куба.

Дополнителни проценки за потребите и координациски состаноци биле одржани во Хаити за планирање на следната фаза од обновата, а Менонитската црква во Јамајка, која исто така била сериозно погодена, повикала на молитви и финансиска поддршка. Според извештаите на црковните организации, најтешко погодени се југозападните делови на Јамајка, каде што голем број домови се без покрив или целосно уништени, оставајќи илјадници луѓе без сигурно засолниште. Во ваков контекст, Samaritan’s Purse потсетил дека Јамајка има исклучително голема густина на цркви, кои сега треба да одиграат клучна улога во грижата за заедниците и во одговорот на хуманитарната криза предизвикана од ураганот Мелиса.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img