Поглаварите на верските заедници и црквите во Македонија повикуваат на конструктивен дијалог, смиреност и воздржување на какви било штетни дејствија врз државата и граѓаните на Република Македонија.
Апелот потпишан од петте уставни верски заедници се однесува на актуелната политичка состојба во државата, но истовремено и на општата ситуација изминатава година и појавите на негативни активности насочени кон религијата во Светот, Европа, регионот но и Македонија.
-Верските лидери упатија апел за конструктивен дијалог, смиреност и воздржаност од дејствија кои се штетни за државата и граѓаните на Република Македонија.
Лидерите на црквите и верските заедници, исто така, изразија загриженост поради зачестените појави на ксенофобија, антисемитизам, исламофобија и христијанофобија, како и омраза на говор – насочени против припадници на одредени верски заедници и ентитети во РМ, но и воопшто. Исто така, загрижувачка е и претставува основа за дискриминација и насилство и појавата на изедначување на оние кои, узурпирајќи одредена религија, сеат терор, убиваат и шират радикализам, со оние кои се искрени припадници на истата религија, стои во апелот на поглаварите на петте уставни верски заедници, МПЦ-ОА, ИВЗ, Католичката црква, Еврејската Заедница и Евенглеско-методистичката црква.

