Секој обид за србизација на овој град, особено преку црковни позиции, е директен удар врз македонското достоинство.
Пишува: Петар Богојески (авторот е претседател на Македонски Концепт)
Со сериозна загриженост ја следам србизацијата на Крушево, место кое не е само географска точка, туку свето јадро на македонската етничка и национална меморија.
Крушево е светилиште на македонската жртва и непокор. На слободарската мисла и национално достоинство. Голем срам е за нас Македонците, по тоа светилиште да ни хараат српски попови.
Секој обид за србизација на овој град, особено преку црковни позиции, е директен удар врз македонското достоинство. Длабока провокација кон македонското чувство. Секој обид за наметнување туѓи црковни, национални или политички влијанија во овој простор не може и не смее да биде третиран како наивна духовна активност.
Тоа е прашање на историска чувствителност и национална одговорност. Македонскиот народ, дури во времето на најжестоките балкански пропаганди, кога на овие простори жестоко се судираа туѓите црковни и национални агенди, не дозволи српската црковна пропаганда да го покори Крушево и да го оттурне од неговиот македонски корен. Тоа свето место остана запаметено како бастион на македонската самосвест и отпор.
Ако тоа не било дозволено тогаш, во време на империи, окупации и далеку потешки околности, уште помалку смее да се дозволи денес, во независна македонска држава. Никој нема право да го тестира трпението на народот со потези што отвораат сомнеж за туѓо влијание врз македонскиот духовен простор со сказните за безопасно или “наднационално” црковно дејстување.
Наднационалните фрази не можат да бидат покритие за туѓи влијанија таму каде македонскиот народ со генерации плаќал цена за да опстане свој на своето.
Црквата мора да го почитува народот на кој му служи, а не да отвора историски рани.
Црквата треба да обединува во вистина и достоинство, а не да биде алатка за туѓи идентитетски влијанија и историски ревизии. Ова не е повик против верата.
Јас немам ништо против ниту еден човек лично, ниту против правото секој да се моли на Бога. Но имам јасен и непоколеблив став против секој обид, под било каква форма, да се поткопува македонскиот карактер на Црквата, народот и Крушево.
Секој што мисли дека ваквите процеси ќе поминат без отпор од јавноста, не ја разбира ниту тежината на Крушево, ниту чувствителноста на македонското национално прашање. Апелирам ова веднаш да престане. Во спротивно, ваквите чекори можат да предизвикаат сериозни општествени и граѓански тензии и проблеми, за кои одговорноста ќе ја носат тие што свесно ја туркаат оваа провокација.
И токму затоа, секој што таму настапува, мора да знае дека стапнува врз света земја на македонската историја. Крушево било, е и ќе остане македонско! И македонската црква мора да остане израз на македонскиот духовен и национален континуитет.

