Во православниот свет, користењето на црковен јазик и авторитет за пропагандни цели се смета за едно од најдлабоките изобличувања на реалноста, кое го оддалечува умот од богословието, а срцето од молитвата и спасението. Во последниот период, ваквите појави сè почесто се детектираат и во бугарскиот јавен простор.
По медиумското истражување на БНТ за постоењето на руска религиска мрежа за информативно влијание, бугарската секција на т.н. Сојуз на православни новинари престана со активност. Сепак, нејзината улога, според црковни и медиумски кругови, продолжува преку социјалните мрежи, особено преку страницата „Христоносци“, каде редовно се објавуваат материјали со изразен пропаганден наратив.
Во фокусот на последниот таков текст повторно се најде Вселенската патријаршија, по повод заедничкото одбележување на 1700 години од Првиот вселенски собор во Никеја и средбата меѓу Вселенскиот патријарх Вартоломеј и папата Лав XIV. Објавата, пласирана под сензационалистички наслов за „литургиски и канонски престапи“, содржи низа неточности и богословски поедноставувања, велат критичарите.
Меѓу клучните спорни точки е тврдењето дека Римската црква е еретичка и дека папата нема право на присуство или симболични гестови во Фанар. Според историските и канонските факти, ниту еден Вселенски или Помесен собор никогаш не ја осудил Римската црква како еретичка, ниту, пак, папскиот престол бил соборно анатемисан. Раздорот меѓу Истокот и Западот се опишува како сложен и долготраен процес, кој не може да се сведе на еден канон или на медиумски слоган.
Неточности се нотираат и во делот за евхаристиското општење со Руската православна црква. Јавно документирано е дека токму Московската патријаршија еднострано го прекина општењето со Вселенскиот патријарх и со низа други Помесни цркви, додека Константинопол и понатаму го споменува патријархот Кирил во диптисите, што се толкува како знак на трпение и надеж за надминување на раздорите.
Посебна критика се упатува и кон манипулативното користење на мислењата на светители, кои се цитираат селективно и без контекст, како и кон мешањето на различни литургиски традиции за да се создаде впечаток на „прекршување на типикот“.
Според богослови и црковни аналитичари, ваквиот пристап го сведува Православието на идеолошка платформа, во која секоја средба или дијалог се претставува како предавство. Наспроти тоа, црковното Предание прави јасна разлика меѓу догмат, канон и икономија, а сведоштвото за вистината не се остварува само преку забрани, туку и преку одговорно присуство и дијалог.
Како што предупредуваат и универзитетски професори по богословие, сè почеста појава се самонаречени „црковни учители“ на социјалните мрежи, кои без доволно знаење и духовно искуство наметнуваат радикални толкувања, создавајќи поделби и недоверба во црковната заедница.
Во ваков контекст, сè почесто се поставува прашањето дали поголемата опасност за Црквата доаѓа од надворешните предизвици, или од внатрешната замена на богословието со пропаганда и ревноста со неточност.
Види повече во анализата на Рената Трифонова, „За поредната православна пропаганда, маскирана като „защита на вярата““, https://hristianstvo.bg/за-поредната-православна-пропаганда/

