Државниот врв го честиташе Велигден – Воскресението Христово да биде поттик за уште поголемо разбирање

Date:

Share post:

Претседателката, Спикерот и Премиерот испратија честитки за Воскресението Христово – Велигден. Во нив повикуваат на единство и на благосостојба.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во честитката за христијански празник Воскресение Христово – Велигден, вели дека во овие возвишени и благодатни денови, кога се открива тајната на животот како победа над смртта, а светлината торжествува над темнината, од посакува во домовите да се всели мирот, љубовта, здравјето и Божјиот дух.

-Воскресението Христово е темел на христијанската вера, вечен извор на надеж и суштина на човековото постоење. Во него е содржана најдлабоката вистина за преобразбата дека преку жртвата, смирението и љубовта, човекот се издигнува и се приближува кон божественото. Во време на тешки општествени превирања, големи искушенија и силни и морални предизвици, мораме да истраеме во добродетелите, обединети околу вредностите на човекољубието, солидарноста и заемната почит. Да ги отвориме срцата за ближните, да ја засилиме грижата за ранливите и да го разбудиме духот на соборност и заедништво. Нека светлината на Христовото воскресение ни подари сила, мудрост и непоколеблива вера во доброто, како вечен принцип на човечката егзистенција. Христос воскресе! Навистина воскресе!, напшиша Гордана Сиљановска-Давкова

По повод големиот христијански празник, Велигден, претседателот на Собранието Африм Гаши во  честитката посакува искрени желби за добро здравје, мир, благосостојба и духовен спокој.

-Велигден е празник што носи пораки на надеж, духовна обнова и зацврстување на вербата во доброто, човечноста и заедништвото. Во овие празнични денови, кога се слават љубовта, солидарноста и меѓусебната почит, уште еднаш се потврдува значењето на вредностите што нè поврзуваат како општество и нè упатуваат кон заеднички напредок, наведува Гаши во честитката.

Велигден, наведува претседателот на Собранието, нека биде поттик за уште поголемо разбирање, хуманост и почит меѓу сите граѓани.

-Посакувам празничните денови да донесат радост во домовите, спокој во срцата и надеж за подобро утре. Нека Велигден биде поттик за уште поголемо разбирање, хуманост и почит меѓу сите граѓани. Честит Велигден!, додава Гаши во честитката по повод големиот христијански празник.

И Премиерот Христијан Мицкоски упати честитка во која потсетува дека Велигден не е само празник на верата, туку и симбол на надежта, обновата и победата на животот над искушенијата. Тој додава оти е свесен дека постојат неизвесности и предизвици, но, вели, нашата определба е јасна, да продолжиме со одговорни политики, да ја зајакнеме економијата, да го заштитиме животниот стандард и да создадеме сигурна иднина за сите.

-Во духот на овој голем празник, сакам да испратам порака на единство. Само заедно, со меѓусебна почит и разбирање, можеме да ја градиме државата каква што ја заслужуваме стабилна, праведна и напредна. Држава во која трудот се вреднува, а иднината се гради врз темели на доверба и одговорност, истакнува Мицкоски.

Премиерот порачува празничните денови да донесат топлина и сила да продолжиме напред со јасна визија.

-Нека празничните денови ви донесат спокој, топлина и сила да продолжиме напред, посилни, пообединети и со јасна визија за иднината. Христос Воскресе! Навистина Воскресе!, додава Мицкоски во честитката по повод Велигден.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here