Синодот на МПЦ-ОА, во полн состав, денеска ќе одржи седница во архиепископијата во Скопје. На дневниот ред е една точка, а тоа е црковното прашање во Австралија. Како што Религија.мк, веќе објави, по 30 години, владиката Петар треба да биде разрешен од администратор на Австралиско-новозеландската епархија, а на негово место да биде избран нов митрополит.
Разрешувањето на Петар од оваа функција, практично е негово повлекување, бидејќи речиси извесно е дека во договор за митрополит Австралиско-новозеландски ќе биде избран викарниот епископ Велички Никола, кој сега е втор заменик на владиката Петар во Преспанско-пелагониската епархија.
Информациите на Религија.мк, велат дека со изборот на Никола за митрополит Австралиско-новозеландски, треба да биде исцрпена точката за црковното прашање во Австралија. Но, реално на ваков начин, тоа ќе биде само половично решение, бидејќи и понатаму формално правно ќе остане испразнета другата епархија во Австралија, Австралиско-новозеландската, со која управуваше сега покојниот Тимотеј. По неговата смрт, местобљустител е архиепископот Стефан.
Некои непотврдени информации, кои кружат во синодските редови велат дека пазарот за повлекување на Петар и изборот на Никола за митрополит, и неизборот на нов митрополит за Австралиско-сиднејската епархија, е токму идејата во следниот период да се случи повторно обединување на црквите во Австралија во една епархија со која би раководел Никола.
Иако во црковните кругови се спомнуваа имињата на игуменот Гаврил и на владиката Наум, како можни решенија за Австралиско-сиднејската епархија, изворите на Религија.мк, велат дека таквата опција засега не е во игра.
– Во игра е токму идејата Никола да замине во Австралија, архиепископот формално да остане администратор на другата епархија уште некое време, иако по Устав мандатот му е поминат, но не се исклучува можноста да му биде продолжен, а за тоа време Никола на терен во Австралија да се обиде да изврши помирување и да се случи сите цркви таму да бидат под еден митрополит, велат добро упатени извори за Религија.мк
Сепак од друга страна, таквото сценарио е тешко изводливо, бидејќи црковните општини што ја сочинуваат Австралиско-сиднејската епархија постигнаа договор со Синодот дека тие треба да дадат согласност за изборот на митрополит. Неофицијално велат дека досега никој не им зборувал за сценарио во кое нивната епархија би била укината. Една од причините е што најголем број од црковните општини во Австралија членуваат токму во Австралиско-сиднејската епархија. Другата Австралиско-новозеландската има помал број црковни општини. Сепак тие сметаат дека засега најважно е владиката Петар да замине од Австралија, и ако тоа денеска се случи е позитивен момент.
Но, она што е интересно е моментот кога се ова се случува. МПЦ-ОА досега не практикувала одржување на Синодски седници, во ваков состав, за вакви суштински прашања за време на Велигденските пости. Зошто ова сега се случува, дали некому му се брза со решенијата, ќе покаже времето.
Религија.мк веќе објави дека неодамна архиепископот Стефан и премиерот Христијан Мицкоски имале работна вечера, за која не извести ниту Владата, ниту МПЦ-ОА. Една од темите била и состојбата во Австралија.
Некои непотврдени извори велат дека причината за брзањето може да се бара во две опции. Едната е некаква државна интервенција, овдешна, но и на австралиските власти, а другата може да биде во некакви здравствени причини.
Од друга страна, иако за денеска е закажана седница само со една точка на дневен ред. Религија.мк, дознава дека на маса може да се најде и уште една точка. Тоа е неодамнешното јавно барање на поранешните членови на ПОА, кои сега се дел од синодот за функционалност на нивните епархии. Тие подолго време ја чекаат оваа седница, бидејќи никој од нив не учествува во работниот состав на Синодот. Таа точка би отворила сериозна дебата во Синодот, бидејќи како што дознава Религија.мк, ова прашање за функционалност на епархиите веќе било подигнато и на ниво на СПЦ. За потсетување, по одлуката на СПЦ за доделување автокефалност на МПЦ-ОА и давањето канонски отпуст за членовите на ПОА за обединување со МПЦ-ОА, извесен период СПЦ продолжи да помага во нивното финансирање. Сега веќе работите биле сменети, а како што јавно изјавија и Јован и Марко, епархиите со кои управуваат немаат капацитет за основно покривање на работењето на епархиите.
Дали ќе има ново прекројување на епархиските граници, или пак ќе се бара решение за финансиска поддршка од централата – архиепископијата, ќе биде појасно по денешната седница.
Дополнително, пленарниот полн состав, веројатно ќе треба да ги утврди и мандатите на членовите на работниот состав на Синодот.

