Со години со гордост повторуваме дека сме православен, христијански народ. Го изговараме тоа како готова вистина, како нешто што не бара проверка. Дополнително, поради фактот што македонскиот народ историски е христијански, ние по автоматизам се сметаме себеси за христијани, повикувајќи се на предците, а не на сопствениот живот, знаење и однос кон верата. Историјата станува алиби, а не огледало.
Така христијанството престанува да биде личен повик и подвиг, а станува наследена титула. Наместо прашањето „како живеам“, поважно станува „од каде потекнувам“.
Овој начин на размислување нè ослободува од одговорноста за внатрешна промена и нè остава заробени во менталитети што немаат ништо заедничко со Евангелието. Нема ниту еден сериозен доказ дека македонското општество поминало вистинска духовна преобразба од комунизмот кон христијанството. Немаше јавно преиспитување, немаше покајание, немаше едукација, немаше длабока општествена дискусија за стравот, присилата и идеолошката логика што со децении го обликуваа човекот. Наместо преобразба, се случи тивка транзиција – сменивме симболи и говор, но го задржавме истиот менталитет. И денес тоа јасно се гледа.
Сè уште сакаме да решаваме со притисок. Ако некој не мисли како нас – го напаѓаме. Ако има поинаков став – го етикетираме. Ако не се вклопува во нашата рамка – го прогласуваме за непријател. Наместо дијалог, користиме сила. Наместо трпение, гордост. Наместо сведоштво, осуда. Тоа не е христијански дух. Тоа е комунистичка логика, само облечена во религиозна форма.
Особено загрижува тоа што како општество избегнуваме сè што нè боли. Сè што бара вистинско самоиспитување – го игнорираме. Сè што може да нè преобрази од идеолошки луѓе во христијани – го потиснуваме. Наместо да разговараме за тешките и дискутабилни прашања, ние бегаме од нив. Тишината ја претвораме во доблест, а избегнувањето во „мир“. Доказ за ова е и фактот дека нашето општество многу слабо ја познава сопствената вера, а токму поради тоа автоматски мисли дека ја познава.
Формите се познати – празници, обичаи, симболи – но суштината е далечна. Верата се сведува на културна навика, а не на начин на живот. Ова не е теорија, туку факт за кој јасно говори денешната состојба во МПЦ–ОА, со сите нејзини кризи, поделби и отсуство на духовна јасност.
Православието, пак, не функционира преку присила. Христос никогаш не принудувал – Тој повикувал. Никогаш не понижувал – Тој исцелувал.
Единството во Црквата не е униформност на мислења, туку заедништво во љубовта и вистината.
Вистинското христијанство не создава непријатели, туку браќа. Не ја наметнува вистината со сила, туку ја сведочи со живот. Ако сакаме навистина да бидеме христијани, мора да престанеме да се криеме зад историјата и традицијата и да почнеме да ја живееме верата преку православното предание. Тоа значи болка. Тоа значи соочување. Тоа значи откажување од стариот менталитет на контрола и осуда. Во спротивно, ќе останеме само христијани по име – со икони на ѕидовите, но со комунистичка логика во срцата.
А христијанството без преобразба не е вера. Тоа станува уште една маска под која пробуваме да се сокриеме.
Т.А.

