Човекот повторно и самоволно значително се оддалечил од својот Создател

Date:

Share post:

Архимандрит Партениј, вечерна богослужба за „Рождество на Пресвета Богородица“, храм Ростуше

Мили мои браќа и сестри, монаси и монахињи, особено драги мои ростушани и сите вие што потекнувате од овие славни краишта, би сакал најнапред радосно да ве поздравам на денешниот наш убав празник, Рождеството на Пресвета Богородица.

Оваа благодатна Вечерна богослужба, додека ги слушав така боговдахновено склопените празнични стихови, се потсетив на разговорот што пред некој ден го водев со еден млад човек, во врска со огромната Божја љубов, милост… и особено за Неговото трпение. Почнав да му раскажувам за универзумот, за тоа колку прекрасно и мистично е создаден, за Бог како апсолутен премудар Создател, Кој чудесно го осмислил целиот овој свет. Сè што постои, вклучувајќи нè и нас, луѓето, е целосно Негова креација, Негов проект, да се изразам на современ јазик. И додадов како сѐ во Вселената беспрекорно функционира, колку повеќе науката открива за неа, толку позачуден и повосхитен стои човекот пред тие откритија. Во целиот тој проект, Бог со најголема љубов го создаде човекот и тоа особено се согледува во слободната волја што Он му ја подари. И токму со таа слободна волја човекот го прифати гревот, се оддалечи од својот Творец, нарушувајќи ја така хармонијата во Вселената. Наместо да живеат во Божествена симфонија со созданието, во непрестајно општење со Бога и во меѓусебна љубов,  луѓето се исполнија со непотребна омраза, станаа крајно нетрпеливи едни кон други, и со тоа Го нажалија безмерно преблагиот Господ. Човекот го претвори светот во едно траурно место на насилие, ужас и безнадежност.

17И сега, ако размислуваме по човечки, секој човек, кога ќе види дека проектот што го беше добро замислил не се одвива како што треба, туку се расипал и отишол во сосема погрешен правец од првобитната замисла, тој едноставно би го затворил, сосема би го поништил. Навистина така би направил секој човек, но не и трпеливиот и полн со љубов Бог. А Он би можел толку лесно да пресече, едноставно да рече: „Еве овој проект веќе воопшто не чини, човекот неповратно се расипа“, и Својот проект, човекот и целата Вселена да ги стутка како лист хартија, засекогаш да ги фрли. Но, трпеливиот Креатор на овој свет, полниот со љубов Бог никогаш не сака да уништува. Он не би го уништил Својот возљубен проект, човекот, иако тој, рековме по своја сопствена волја се расипува. Зошто? Бидејќи нашиот Бог не е само обичен Креатор, Некој Којшто само нѐ конструирал, како, на пример, конструкторот на некоја машина, туку, пред сѐ, Он е наш Татко Кој премногу нѐ љуби. Неговата љубов кон човекот е неспоредлива, секако поголема и од татковската и мајчинската земна љубов, таа е Божествена, и за нас луѓето надразумна. Пред малку силно ме трогна малечкото детенце Марко, кога радосно пристапи да ја запали својата свеќичка, зрачејќи целото со детска невиност и чистота. И се запрашав: кога ние како грешни луѓе умееме да гледаме со таква милост кон чистата детска душа, тогаш со колку ли неспоредливо поголема љубов и нежност гледа небесниот Отец на нас, Своите деца! Зар Он би можел да ја уништи својата рожба – човекот, која ја создал со таква убавина и чистота? Се разбира не, па макар и колку таа да се расипала. Напротив, и кога човекот се оддалечи од Неговата татковска љубов, Он правеше сè за повторно да го приведе кон чистотата и радоста, кон синовското општење со Него. Најпосле го направи и најголемото нешто – Самиот стана човек. Гледајте, наместо да го уништи човекот кој своеволно се отуѓил од Него, Бог доаѓа да го спаси и станува Човек со посредство на онаа таинствена и од векови пророкувана скала и врата, преку која Бог слезе од небото, влезе во светот и нè удостои со голема милост – Пресвета Богородица.

Ете, пред малку кога се читаа извадоци од Стариот Завет предвидени токму за овој празник, чувме за сонот на Јаков, еден од големите старозаветни Патријарси. Имено, тој заспал во земјата Харан и видел сон: скала стои на земјата, а со врвот допира до небото, и Ангели Божји се качуваа по неа и слегуваа (Битие 28,12). Тогаш Јаков добил ветување од Бога дека земјата на која спие ќе му ја даде на потомството негово, и ќе го умножи и преумножи како песокот на земјата. Со тоа всушност Бог сакал да му навести на Јаков дека тој ќе биде татко на многу народи, но не според крвното сродство, туку по верата. Така било и со Авраам, и со сите Праотци од чиишто потомци произлегла Пресветата Мајка Божја. Заради сите тие праведници коишто Му благоугодиле, заради нивната силна вера, Бог ја излеал Својата огромна милост, слегувајќи на земјата, како по скала, кога се исполнило времето, преку најчистата Приснодева Марија, чиешто рождество денес го славиме. Таа е скалата што Јаков ја видел на сон. Преку неа надвремениот и недостижен Бог влезе во временската историја како човек. А дојде така смирено, како човек, за да не ја повреди нашата слободна волја, што, повторно, Он ни ја дал. Да дејствуваше Бог поинаку, ќе беше невозможно спасението на човекот, но Он се уподоби на нас во сѐ освен во гревот, и без никаква повреда на нашата слобода, ни остави најблескав пример за единствениот вистински пат. Сега, нам само ни останува по слободна волја да избереме: ќе тргнеме ли по Него, по Светлината и Животот, или ќе останеме во мракот и смртната сенка. А, Богородица е скалата поставена на тој пат преку чие посредништво полесно стигнуваме до Бога.

15Сите лоши вести што во последно време редовно ги слушаме – гласовите за војни, епидемии, природни катастрофи, постојано повторуваниот збор ’тероризам‘ – сето тоа се знаци дека несомнено човекот повторно и самоволно значително се оддалечил од својот Создател, од Христа. Зашто она што човекот го живее денес не е патот што му го покажа Христос, кога дојде на земјата за да му отвори на човекот пристап кон небото. Неговото Евангелие не нѐ учи на војни, туку учи за Божествените љубов и мир. Он зборуваше за прошка и дава прошка. Он зборуваше за милост и дава милост. Неговата љубов и милост се бесконечни. Он ја промени суровоста на Стариот Завет кога во Јудејскиот закон било дозволено, според човечки мерила, а по Божјо допуштение за да се зачува вистината, да се убива во името на Бога. Но помина сенката на законот и дојде благодатта. Сега веќе во Новиот Завет не смее да се убива во ничие име. Веќе не се дозволува одмазда дури ни во името на нашиот ближен, ни во името на нашиот народ, доколку му е направена некаква неправда. Во Новиот Завет, Христос, Распнатиот на Голгота заради нас и Воскреснатиот во слава, од нас бара само да проштеваме. И токму по тоа се познава дека Он е единствениот пат, вистина и живот за овој свет. Доколку човештвото го избере тој пат, тогаш светот нема да изгледа вака страшно како денес.

10Меѓутоа, во секое време Бог си остава Свои слуги, Свои избраници, да ја објавуваат Неговата волја. Еве, и во овој крај, кога многумина логично мислеа дека Христијанството е на залез, Бог повторно духовно ни го издигна Бигорскиот Манастир. И сè што станува со и околу Манастирот, не е случајно. Дури и преку пожарот што, по Негово допуштение, се случи пред седум години, Бог ни покажа дека и денес на нашиот народ, исто како и на нашите предци, му влева вера и сила да ја подигне православната Светиња, да ја обнови во полн сјај и повторно да Му ја подари Нему. Господ не само што материјално го изгради манастирот, туку, што е неспоредливо поважно, духовно го издигна и претвори во пристаниште за верните. Зашто, не градбите, туку монасите се тие што го прават манастирот. Еве и овој храм на Пресвета Богородица, изграден на врвот од оваа прекрасна височинка, е плод на верата на нашиот народ и на возобновеното монаштво. Сето ова е знак, Божји показател, дека, доколку сме со Него, нема што не би можеле да направиме во слава Негова. Токму поради тоа, бивајќи со Него, не смееме никогаш да очајуваме, зашто ако е Бог со нас никој не може да биде против нас, како што се вели во едно древно пророштво од Стариот Завет: Здружувајте се, народи, но ќе бидете уништени… Вооружувајте се, но ќе бидете победени… Кројте заговори, но тие ќе се рушат, говорете збор, но тој нема да се исполни, зашто со нас е Бог! (Иса. 8,9-10)

Богородица да нè чува сите, да ни го чува Христијанството овде и во целиот свет. Амин!

1 COMMENT

  1. Чиста проповед од срце обожено кое ги очистува душите на паднатите.
    Да се поучиме – сите.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img