Од скандалот со Кирил во 2018 година, преку протерувањето на Васијан Змеев, до спорот за европските санкции во 2026 година – односите на Бугарија со Москва покажуваат дека историската блискост со Русија не значи и безусловна политичка лојалност
Посетата на Вселенскиот патријарх Вартоломеј на Бугарија од 17 до 19 октомври 2026 година беше повеќе од црковен настан. Протестите против него, обвинувањата за ерес и несогласувањата околу автокефалноста на Православната црква на Украина повторно ги отворија прашањата за руското влијание во Бугарија и за границите меѓу црковната солидарност, националниот суверенитет и политичките интереси на Москва.
Во анализа објавена на страницата на меѓународниот центар „Libertas Fidei“, а пренесини од hristianstvo.bg, авторката Ана Јансоне го разгледува овој однос низ неколку настани што ја покажуваат сложеноста на бугарската позиција: дипломатскиот судир со московскиот патријарх Кирил во 2018 година, протерувањето на архимандритот Васијан Змеев од Бугарија во 2023 година и противењето на Софија на вклучувањето на Кирил во европскиот санкциски список во 2026 година.
Основната теза е дека руското влијание во Бугарија останува значајно, но не може да се толкува како целосна контрола врз државата или врз Бугарската православна црква.
Кампањата против посетата на Вселенскиот патријарх започна уште пред неговото пристигнување. Неговите противници го обвинуваа за нарушување на црковните канони, поддршка на украинскиот црковен раскол и обид да воспостави надмоќ над православниот свет.
На 17 октомври, пред зградата на Светиот синод во Софија, се собраа демонстранти со транспаренти на кои пишуваше „Вартоломеј, не си посакуван тука“ и „Еретик и екуменист“.
Особено остри реакции предизвика литургиското споменување на митрополитот Епифаниј, поглаварот на Православната црква на Украина, чија автокефалност Бугарската православна црква сè уште официјално не ја признала.
Според анализата на „Libertas Fidei“, реториката на противниците на Вартоломеј во голема мера се совпаѓа со аргументите на Московската патријаршија, која остро се спротивставува на одлуките на Константинопол по доделувањето автокефалност на украинската црква во 2019 година.
За Москва, украинското црковно прашање одамна не е само спор околу канонското право. Тоа е поврзано со губењето на влијанието врз Украина, со претензиите кон духовното наследство на Киевска Рус и со настојувањето Русија да се зачува како центар на посебен православен простор.
Оттука, секој конфликт со Вартоломеј во рамките на друга автокефална православна црква објективно може да им користи на интересите на Москва.
Сепак, совпаѓањето на интересите не е доказ за директна контрола. Во Бугарија постојат конзервативни црковни кругови кои и самостојно се противат на одлуките на Константинопол. Нивните ставови можат да го засилуваат руското влијание и без непосредна интервенција од Москва.
Кирил во Софија: кога историската благодарност се претвора во политичко барање
Во март 2018 година, московскиот патријарх Кирил ја посети Бугарија по повод 140-годишнината од ослободувањето на земјата од османлиското владеење. Свеченостите, сепак, беа засенети од судирот меѓу Кирил и тогашниот бугарски претседател Румен Радев.
Кирил остро го критикуваше Радев затоа што, покрај Русите, ги спомнал и другите народи на Руската Империја кои учествувале во Руско-турската војна од 1877 до 1878 година. Московскиот патријарх инсистираше рускиот придонес да биде признаен издвоено и самостојно.
За значителен дел од бугарската јавност, ваквиот настап изгледаше како обид странска сила да ѝ диктира на суверена држава како да ја толкува сопствената историја.
Радев одговори дека историската благодарност кон Русија не може да значи откажување од националното достоинство. Подоцна забележа дека Кирил бил пречекан како духовен водач, но избрал да замине како политичар.
Овој судир ја откри суштинската противречност во бугарско-руските односи. За Москва, споменот на ослободувањето на Бугарија често се користи како основа за очекување посебна политичка лојалност. За бугарската држава, пак, тоа е важен дел од националната историја, но не и причина да се откаже од правото самостојно да ја определува надворешната политика.
Случајот со Васијан Змеев: кога црковното присуство станува безбедносно прашање
Во септември 2023 година, Бугарија презеде мерки што отидоа подалеку од дипломатските забелешки. Архимандритот Васијан Змеев, кој го раководеше претставништвото на Руската православна црква во Софија, беше протеран од земјата заедно со уште двајца свештеници.
Бугарската Државна агенција за национална безбедност соопшти дека нивните активности биле насочени кон влијание врз општествените и политичките процеси во интерес на руската геополитика. Руската страна ги отфрли обвиненијата.
Политичкото значење на одлуката, сепак, беше јасно: бугарските власти покажаа подготвеност дејноста на претставници на Московската патријаршија да ја разгледуваат и низ призмата на националната безбедност.
Историската блискост меѓу двата православни народи не обезбеди имунитет од постапување на државните органи.
Но протерувањето на Змеев не значеше дека Бугарија отсега ќе ги поддржува сите европски мерки насочени против раководството на Руската православна црква. Настаните од 2026 година покажаа дека односите се многу посложени.
Спорот за санкциите против Кирил и тврдењата за посредување на патријархот Даниил
Во текот на летото 2026 година, Бугарија се спротивстави на вклучувањето на московскиот патријарх Кирил во санкцискиот список на Европската Унија, во рамките на дискусиите за 21. пакет ограничувачки мерки против Русија.
Официјалните објаснувања на Софија се однесуваа на опасноста санкциите против поглавар на голема религиозна организација да бидат искористени од руската пропаганда за обвинувања дека Европската Унија се меша во црковните работи.
На 8 октомври, „Libertas Fidei“ објави текст во кој Петар Танев, политички советник во Европскиот парламент, понуди поинакво објаснување за бугарската позиција.
Во интервју за телевизискиот канал Slawa, Танев изјави дека ставот на Софија можеби бил резултат на директно обраќање на московскиот патријарх Кирил до бугарскиот патријарх Даниил.
Според неговото тврдење, Кирил телефонски му се јавил на Даниил во денот кога се разгледувало прашањето за санкциите и го замолил да преземе сè што е можно за да спречи неговото име да биде вклучено во списокот. Танев тврди дека потоа бугарскиот патријарх стапил во контакт со Румен Радев, кој во тој период бил премиер, и му го пренел барањето да се спречат санкциите против поглаварот на Руската православна црква.
Така, според верзијата на Танев, се оформува можна низа на влијание: Москва – патријархот Кирил – бугарскиот патријарх Даниил – бугарската влада – позицијата на Софија во Европската Унија.
Ако овој опис е точен, прашањето ги надминува историските симпатии и совпаѓањето на политичките интереси. Би се отворила можноста црковната хиерархија да била искористена како канал за директно влијание врз надворешнополитичките одлуки на земја членка на Европската Унија.
Во таков случај, Московската патријаршија не би дејствувала само како религиозна организација што ги штити сопствените интереси, туку и како фактор способен да влијае врз санкциската политика на ЕУ преку односите со раководството на друга автокефална православна црква.
Овој случај добива дополнителна тежина ако се земе предвид дека истиот патријарх Даниил, кого Танев го посочува како можен посредник меѓу Кирил и бугарската влада, неколку месеци подоцна официјално го пречека Вселенскиот патријарх Вартоломеј во Софија.
Бугарија и неостварениот копнеж по величина
Зошто ваквите механизми на влијание можат да продолжат да дејствуваат во земја што одамна е членка на Европската Унија и НАТО?
Во текст објавен на 20 јуни 2026 година во „Libertas Fidei“, под наслов „Зошто Бугарија не ги поддржа санкциите против патријархот Кирил?“, балканскиот експерт Алексеј Павлов предлага односите на Бугарија со Русија да се разгледуваат низ призмата на историското искуство со неостварените национални амбиции.
Неговата основна теза е дека приврзаноста на Бугарија кон Русија не произлегува само од благодарноста кон ослободителот, туку и од сложената историја на стремежи кон величина, разочарувања и зависност од надворешни покровители.
По ослободувањето од османлиското владеење, Бугарија се стремела да стане една од водечките сили на Балканот. Руската поддршка одиграла важна улога во изградбата на бугарската државност, но подоцнежната политика на Санкт Петербург не секогаш се совпаѓала со бугарските национални интереси.
Руската Империја ги следела сопствените стратешки цели и развивала односи не само со Софија, туку и со Белград и со други центри на балканската политика.
За Бугарија тоа создало болно противречие: државата што се сметала за природен заштитник истовремено била самостојна империјална сила, која не била обврзана да ги поддржува сите бугарски претензии.
Следувале воени порази, територијални загуби, обиди за барање поддршка од Германија и децении зависност од Советскиот Сојуз.
Според толкувањето на Павлов, ова искуство кај делови од бугарската политичка елита создало посебна форма на носталгија: стремежот кон неостварената национална величина да се надомести преку зближување со помоќен надворешен центар.
Европска Бугарија и историската носталгија
Пристапувањето на Бугарија кон Европската Унија означи суштинска промена во меѓународната положба на земјата.
Бугарија доби пристап до европските пазари, институции и финансиски механизми, а нејзината безбедност се темели на членството во НАТО.
Сепак, институционалната интеграција не ги отстранува нужно историските разочарувања и политичката носталгија.
Павлов забележува дека економската интеграција со Европа не е секогаш придружена со чувство дека земјата учествува под еднакви услови во обликувањето на европската политика.
Според неговото толкување, чувството на периферна положба може да поттикне барање политичари кои настојуваат да демонстрираат независност пред сè преку спротивставување на одлуките што се носат во Брисел.
Украинското прашање како огледало на бугарските противречности
Особено интересна е аналогијата што ја предлага Павлов меѓу историските стремежи на Бугарија и современата борба на Украина за независност.
Денес Украина го брани правото самостојно да ја определува својата политичка иднина и да се ослободи од претензиите на поранешниот империјален центар.
Во таа смисла, украинското искуство потсетува на сопствената историска борба на Бугарија за национално ослободување.
Павлов, сепак, претпоставува дека за некои Бугари борбата на Украина може да предизвикува не само солидарност, туку и раздразнетост, бидејќи потсетува на историските порази и неостварените амбиции на нивната земја.
Независно од тоа, црковниот спор околу украинската автокефалност навистина се претвори во еден вид огледало на внатрешните противречности во Бугарија.
Признавањето на Православната црква на Украина од страна на Константинопол ја соочува Бугарската црква со прашање што ги надминува рамките на канонското право: до кој степен нејзиниот став треба да биде определен од историската блискост со Москва, а до кој од сопственото разбирање на православното единство?
Патријархот Даниил меѓу Москва и Константинопол
Бугарскиот патријарх Даниил зазема особено важно место во оваа противречност.
Тој е познат по критичкиот однос кон украинската автокефалност и по ставовите што по низа прашања се блиски до оние на Московската патријаршија.
Ако тврдењата на Петар Танев се точни, Даниил можеби дејствувал како посредник меѓу Кирил и бугарската влада за време на разговорите за европските санкции.
Но во октомври 2026 година истиот Даниил официјално го пречека Вартоломеј и учествуваше во заеднички богослужби со него.
Овој настан има суштинско значење.
Бугарската црква не ја признала Православната црква на Украина, но истовремено не ја следела Москва во прекинувањето на евхаристиското општење со Константинопол.
Оттука, црковната политика на Бугарија има сопствена внатрешна логика.
Конзервативните и промосковските расположенија се присутни, но тие автоматски не ја определуваат секоја одлука на црковното раководство.
Токму затоа посетата на Вартоломеј беше толку чувствителна за неговите противници: таа покажа дека, и покрај сериозните несогласувања, Бугарската православна црква нема намера украинското прашање да го претвори во причина за целосен прекин на односите со Вселенската патријаршија.
Каде завршува историската благодарност, а каде почнува политичката зависност?
Разгледани заедно, четири настани ја оцртуваат посложената слика.
Во 2018 година Бугарија јавно го отфрли обидот на Кирил да наметне руска интерпретација на нејзината национална историја.
Во 2023 година бугарските власти протераа претставник на Московската патријаршија чија дејност ја оценија како закана за националната безбедност.
Во летото 2026 година Софија се спротивстави на европските санкции против Кирил. Според тврдењата на Петар Танев, на тоа му претходело обраќање на московскиот патријарх до Даниил, по што следувала интервенција на бугарскиот патријарх на владино ниво.
На крајот, во октомври 2026 година, Бугарската православна црква го пречека Вартоломеј и покрај протестите на приврзаниците на црковната позиција на Москва.
Овие настани не се вклопуваат ниту во претставата за Бугарија како безусловен сојузник на Москва, ниту во сликата за земја што целосно се ослободила од руското влијание.
Тие, наместо тоа, ја прикажуваат државата и општеството како простор во кој истовремено дејствуваат неколку историски и политички сили.
Едната е поврзана со европската интеграција, националниот суверенитет и независноста на државните институции.
Другата се потпира врз православната солидарност, сеќавањето на ослободувањето и културната блискост со Русија.
Третата го одразува стремежот на делови од политичката класа да ги користат тензиите меѓу Москва и Брисел за зајакнување на сопствените позиции.
Не може да се исклучи ниту директно руско влијание преку религиозни, граѓански и информативни канали. Но тврдењата за конкретни операции бараат проверливи докази.
Што откри посетата на Вартоломеј?
Главното значење на посетата не е само во тоа што протестите не успеаја да ја спречат.
Таа ги покажа границите на руското влијание врз Бугарската православна црква.
Москва ја задржува способноста да ја обликува јавната дебата, да поддржува црковни ставови што се совпаѓаат со нејзините гледишта и да го користи украинското прашање за продлабочување на поделбите во православниот свет.
Но тоа влијание не значи целосна контрола.
Бугарската црква продолжува да одржува евхаристиско општење со Константинопол. Бугарската држава останува дел од европските и евроатлантските институции. А историските симпатии кон Русија не се претвораат секогаш во поддршка на конкретните одлуки на Москва.
Истовремено, противречностите околу санкциите против Кирил потсетуваат дека би било прерано руското влијание да се прогласи за надминато.
Токму тука анализата на Алексеј Павлов добива особено значење. Неговата концепција за неостварениот копнеж по величина сугерира дека бугарската амбивалентност не треба да се разбира како случајна недоследност, туку како резултат на долготрајното историско барање на сопственото место меѓу империјалните центри и европските институции.
Сведочењето на Петар Танев додава уште еден можен механизам на оваа слика: лични контакти меѓу црковни лидери кои, според неговото тврдење, би можеле да влијаат врз владините одлуки.
Бугарскиот парадокс се состои во тоа што земјата може истовремено да се спротивставува на конкретни облици на руски притисок и да ја задржува политичката приврзаност кон симболите на руското влијание.
Затоа прашањето за идниот курс на Бугарија не може да се сведе на тоа кој ќе надвладее во следниот црковен спор.
Влогот е многу посуштински: дали историската меморија ќе се претвори во извор на самостоен национален идентитет или ќе остане инструмент преку кој надворешни сили можат да влијаат врз одлуките на Бугарија?
Посетата на Вартоломеј покажа дека црковната независност на Бугарија се зачувува и покрај сериозните внатрешни несогласувања.
Но спорот околу санкциите против Кирил потсети дека борбата за политичка независност е далеку од завршена.
И можеби главната поука од целата оваа приказна е дека националното достоинство не се мери со блискоста до една голема сила, туку со способноста да се носат самостојни одлуки – вклучително и тогаш кога тие не им се допаѓаат на историските покровители.

