Посетата на Вселенскиот патријарх Вартоломеј на Бугарија и неговото сослужување со бугарски архијереи во Рилскиот манастир, а претходно на владици на БПЦ и Вселенската патријаршија во храмот Св. Александар Невски во Софија, каде молитвено присуствуваа Даниил и Вартоломеј, отвораат прашање за доследноста на оние што во православниот свет шират квалификации за наводна ерес на Вселенската патријаршија.
Меѓу архијереите што на 19 октомври сослужуваа со Вартоломеј и бугарскиот патријарх Даниил во Рилскиот манастир беше и Ловчанскиот митрополит Гавриил. Во истото сослужување учествуваа Сливенскиот Арсениј, Неаполскиот и Ставрополски митрополит Варнава, , Севастискиот митрополит Теодор, Варненскиот и Великопреславски митрополит Јоан, Христополскиот митрополит Емануил, Неврокопскиот митрополит Серафим, како и низа други архијереи и клирици од Бугарската и Вселенската патријаршија.
Токму примерот со Гавриил е важен, бидејќи тој е дел од оние владици, проруски орентирани во БПЦ, кој од православните зилоти секогаш е возвеличуван.
Парелелно пак во Софоја на литургијата меѓу владиците кои служеа беше и Доростолскиот Јаков.
Примерот пак со митрополитот Јаков е важен за македонскиот контекст. Тој во други прилики сослужува и со митрополитот Григориј од Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
Во изминатите денови, во македонскиот јавен простор се ширеа пораки против Вселенскиот патријарх Вартоломеј, при што кругови што се идентификуваат со зилотски позиции го оспоруваат неговото црковно дејствување и тврдат дека секој што сослужува со него станува соучесник во ерес, па дури и самиот е еретик.
Но, ако оваа теза се поставува како универзално правило, таа не може да се применува само врз оние што се предмет на нивната критика. Таа мора да се следи и низ сите црковни врски што произлегуваат од неа.
Дали тогаш, според истата логика, и митрополитот Григориј би требало да биде прогласен за еретик затоа што сослужувал со Доростолскиот митрополит Јаков, кој сослужуваше со владици на Вселенската патријаршија во присуство на Вартоломеј?
Дополнително во тој контекст, треба да се знае и дека Доростолскиот Јаков е еден од владиците на БПЦ кој на 19 мај 2024 година, во Балукли, Константинопол, сослужуваше директно со украинскиот митрополит Епифаниј. Тогаш заедно со Вселенскиот патријарх Вартоломеј сослужуваа Пловдивскиот митрополит Николај, Старозагорскиот митрополит Кипријан, Доростолскиот митрополит Јаков, како и Величкиот епископ Сиониј и Смолјанскиот епископ Висарион.
Ова не е само прашање за односот кон Вселенската патријаршија. Тоа е прашање за начинот на кој се користат богословските квалификации во православниот свет и за границата меѓу сериозната богословска критика и произволните обвинувања.
Затоа прашањето до оние што деновиве ја ширеа кампањата против Вартоломеј во Македонија останува отворено: дали нивниот критериум ќе важи и за митрополитот Григориј, и за сите други, или се применува само кога треба да се нападне Вселенскиот патријарх?
Доследноста на еден став се проверува токму тогаш кога неговите последици ги засегаат и оние што не се цел на првичната кампања.

