Српската православна црква го проширува образовниот проект во Австралија. Српскиот патријарх Порфириј го освети камен-темелникот на нов објект на Колеџот „Свети Сава“ во Варовил, Сиднеј, наменет за подобрување на условите за настава и прифаќање поголем број ученици.
На свеченоста присуствуваше и премиерот на Нов Јужен Велс, Крис Минс, кој го истакна придонесот на српската заедница во австралиското општество. Тој потсети дека колеџот започнал со работа во 2021 година со само 29 ученици, а неговиот развој го поврза со семејните вредности, традицијата и верата.
„Образованието не е само стекнување знаење, туку и негување доблести“, порача Минс, нагласувајќи дека училиштето треба да биде отворено за сите деца и да им понуди чувство на припадност.
Свеченоста почна со Света литургија, со која началствуваше патријархот Порфириј. Во беседата тој зборуваше за христијанската надеж во воскресението и повика на единство меѓу православните народи.
Митрополитот австралиско-новозеландски Силуан истакна дека целта на колеџот не е само академско образование, туку и воспитување засновано врз христијанската етика и Евангелието Христово. Изрази желба училиштето да продолжи да се развива и да придонесува за пошироката заедница во Австралија.

